Тренерот на Мајами, Ерик Сполстра, ќе потпише нов, осумгодишен договор со тимот вреден 120 милиони долари, пренесуваат американските медиуми.

Сполстра на тој начин ќе го продолжи долгогодишниот мандат на клупата на тимот од Флорида, каде што е од 1995 година, кога му правеше видео анализа на Пет Рајли како негов асистент. Тој беше во стручниот штаб на Рајли во следните 13 години пред да го замени како тренер во 2008 година и оттогаш да раководи со тимот.

Во меѓувреме, тој се профилираше како еден од најдобрите и најуспешните тренери во НБА, и воопшто во професионалниот спорт во САД, а новиот договор само ја покажува заедничката желба да продолжи оваа плодна соработка.

Мајами е единствениот клуб каде Сполстра работел во својата кариера. Со овој тим два пати беше шампион и шест пати го водеше до финалето.