Спектар на латино ритми вчеравечер ја одбележа прославата на 64. роденден на фестивалот „Охридско лето“, а публиката во Долни Сарај уживаше во концертот што по тој повод го одржаа членовите на салса-оркестарот „Меркадонегро“.
Музичкото патување низ земјите на Јужна Америка, со презентација на музика и песна од државите и краиштата од каде што доаѓаат уметниците го следеше и претседателката на државава, Гордана Силјановска-Давкова. Таа заедно со публиката играше и се восхитуваше на уметниците кои со својата надареност ја доловија уникатната посебност на салсата.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, посочи дека и 64. роденден на фестивалот како и впрочем целото фестивалско издание досега, ги оправда очекувањата на публиката, но и на стручната јавност.
„Годинешново издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и бројни пофалби, како од стручната јавност, така и од уметниците кои се дел од програмата. Посебно сум горда на поддршката која ја добиваме од амбасадите во РС Македонија. Огромно е задоволството, по 64. пат, да посакаме да ни е вечен фестивалот „Охридско лето“. Нашата одговорност е голема и предизвикувачка – да го сочуваме она што го втемелија бројни генерации пред нас, но и да ја збогатуваме културната понуда која изминативе 64 години го издигна Охрид не само како духовна, туку и како културна престолнина“, истакна Поповиќ.
Роденденскиот концерт на фестивалот „Охридско лето“, секоја година, на 4 август е посебно изненадување и по традиција нуди доживувања малку поинакви од вообичаените фестивалски содржини. Токму на овој ден во далечната 1961 година, оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ го одржа првиот концерт на фестивалот со што и започна магијата наречена „Охридско лето“.