Спасовски: Чешка даде најголема поддршка за време на мигрантската криза

112

Владата на Чешката Република за време на мигрантската криза даде помош за јакнење на техничките капацитети на МВР и е еден од најголемите поддржувачи на нашата земја генерално, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на денешната заедничка посета со чешкиот премиер Андреј Бабиш на транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.

Спасовски упати голема благодарност до Чешка за помошта што и беше пружена на земјава за време на мигрантската криза и нагласи дека професионалноста на чешките полицајци, заедништвото во работењето и споделувањето на искуства претставуваа исклучителна можност да се јакнат капацитетите на македонската полиција.

– Владата на Чешката Република со четири милиони евра даде помош за јакнење на техничките капацитети на МВР и во тој дел е еден од најголемите поддржувачи на Северна Македонија генерално, истакна Спасовски и подвлече дека тоа е најдобар показател за нашето партнерство и заедништво за справување со сите глобални предизвици како што впрочем беше и мигрантската криза.

Спасовски изрази подготвеност на македонската полиција за понатамошна соработка со цел за успешно справување со евентуална миграциска криза и генерално за обезбедување мир и стабилност во нашите држави, регионот и во Европа.

Со заложбите на Спасовски се согласи и чешкиот премиер Бабиш кој нагласи дека за него ова е посебно ценета посета.

– Би сакал да и се заблагодарам на тогашната Македонија и сегашната Северна Македонија за тоа што го направи во спречувањето на илегалната миграција. Сметаме дека со нашето присуство тука ја покажавме нашата солидарност во оваа криза во која вие останавте сами како Северна Македонија и сметам дека и во иднина ќе продолжиме да ви помагаме и да ве подржуваме, рече Бабиш.

За време на посетата во Гевгелија, Спасовски и Бабиш беа на граничниот камен 59 на јужната граница кој претставуваше порта на балканската рута до нејзиното затворање, а направија обиколка и на чешкиот контингент полицајци кои со своите македонски колеги ја обезбедуваат и чуваат јужната граница.