Ќе разговараме и ќе работиме постојано за да го постигне потребниот консензус и да имаме парламентарно мнозинство што ќе ги донесе законските решенија, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање однос на тоа што се случува со работните групи за законот за Јавно обвинителство.
Спасовски порача дека треба да се вложат максимални напори во дијалогот, да се постигне компромис во делот на носењето на законските решенија и со тоа да не ја загрозиме иднината и перспективата на државата. Важно е, потенцира, не само декларативно, туку и на дело да покажаме дека имаме минимум национален консензус во однос на членството во ЕУ и во НАТО.
Според Спасовски, изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека ако не се донесат клучните закони ќе нема распуштање на Собранието е став.
-Политичката одговорност на политичките субјекти, на пратениците во Собранието треба да биде на нивото на одговорноста за иднината на оваа држава. Затоа јас сметам дека треба да се вложат максимални напори во дијалогот, да се постигне компромис во делот на носењето на законските решенија и со тоа да не ја загрозиме иднината и перспективата на државата. За нас е многу важно до крај да го доведеме процесот и да станеме 30. земја членка на НАТО и тоа ќе се случи многу скоро, изјави Спасовски при посетата на индустриската зона Визбегово во општина Бутел.
За нас, укажа, исто така е многу важен временскиот термин на почнување на преговорите со Европската унија.
-Иако сите знаеме дека законот за јавно обвинителство не е услов за отпочнување на преговорите, меѓутоа би било една добра позитивна препорака или позитивен пример како напредуваат работите во однос на реформите во Република Северна Македонија. Тогаш сите политички субјекти тоа треба да го имаат на ум. Најважно е интересите на државата да преовладаат над личните, партиските, бизнис или некакви други интереси. Потребен е минимум национален консензус во делот на остварување на нашите аспирации за членството во НАТО и ЕУ, изјави Спасовски.
Минимум консензус, појасни, се однесува токму на прашањата кои се од витален интерес за државата.
– Ако сите декларативно од осамостојувањето на државата, од 1991 годинина до денеска, само зборуваме дека Македонија треба да биде дел од НАТО, треба да биде дел од ЕУ, тоа треба да го покажеме и на дело. И тоа треба да го покажеме во моменти кога е најмногу потребно и затоа јас сметам на сите политички субјекти. На крајот, и Уставот и законите се многу јасни, се знае точно со какво мнозинство се носат законите. И тоа мнозинство ако се добие во Собранието, секако дека тие закони ќе бидат донесени, рече Спасовски.
Тој не очекува да дојде до одложување на изборите.
-Јас очекувам дека нема да се случи одложување на изборите заради тоа што ќе надвладее разумот, дека националните интереси се многу поважни од какви било лични интереси и дека на крајот на краиштата секој од нас како политичари, пратеници итн., ќе сфатат дека носењето на законските решенија е влог во нашата иднина, потенцира Спасовски.
Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да блокира со амандамни, премиерот Спасовски одговори дека се е можно заради тоа што смета дека таму не надвладуваат националните над партиските и личните интереси.
– Посакувам тоа да не е така, да не демантираат сите нас и да покажат дека иднината на оваа држава и на граѓаните се поважни од кој било партиски интерес или каков било друг интерес, рече Спасовски.
Она што го бара ВМРО-ДПМНЕ, наведе, е сите предистраги кои се почнати, да бидат стопирани со решение.
– Тоа е прашање за кое не може да се преговара и не може да има компромис. Секој кој правел криминал и за кого се водат и предистраги, и има докази, ќе мора да одговара во оваа држава. И тука не може тој интерес- задоволување на правдата да биде посилен од интересот на кој било поединец или која било политичка партија. Сите забелешки што се разумни, кои се во насока на концептот на законот, а тоа е да обезбеди правда за секого, да обезбеди сигурност дека секој еден кој напрваил било какво злодело ќе одговара. Односно, да обезбедиме систем кој ќе биде далеку од политиката и јакнењето на јавно обвинителската служба, тоа е концептот кој мора да биде усвоен и концепт кој треба да продолжи понатаму, рече Спасовски.