Со Шопен и Шуман: „Златните раце на Фре“ во Филхармонија

74

„Златните раце на Фре“ е насловот на концертот што ќе го одржи оркестарот на македонската Филхармонија на 27 февруари со почеток од 20 часот. Како солист ќе настапи француски пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман.

„Давид Фре е познат по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен. Настапувал со водечките оркестри како  ‘Концертгебау’, Баварскиот радио оркестар, Лондонската филхармонија, ‘Моцартеум’, со оркестарот на ‘Скала’, Бостонската, Њујоршката филхармонија со Филхармонијата на Лос Анџелес… Фре е препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Шопен“, стои во најавата на Филхармонија.

Ианку, концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Шопен ја интегрира сета романтичност присутна во целокупниот опус на овој полски композитор. Во писмо до пријател, Шопен признал дека бавниот втор став е инспириран од Констанца Гладковска, младата пејачка со која учел на Конзерваториумот во Варшава и во која бил вљубен. Целиот концерт изобилува со типичен шопенски звук…

Концертот „Златните раце на Фре“, кој се реализира со поддршка на Француски институт во Скопје, ќе го води Конрад ван Алфен за кој критиката вели дека е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. (Н.И.Т.)