Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, истакна дека од моментот кога ќе се санираат и ќе се пуштат бунарите во системот, се додава нова количина на вода во водоводот. Во моментот има доток од 320 литри вода во секунда, што е недоволно за сите корисници, поради што има една активна рестрикција, од 2:30 до 5:30 часот
Со ставање во употреба на бунарите кои се во градот, ќе се редуцираат честите прекини на вода во Тетово. Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, и раководителот на Јавното комуналното претпријатие за водовод „Шар“, Ваљон Шаќири, најавија дека се работи на санација на неколкуте бунари во градот за да се обезбеди вода кога недостигаат количините од новиот и стариот водоснабдителен систем.
– Од моментот кога ќе се санираат и ќе се пуштат бунарите во системот, се додава нова количина вода во водоводот – дециден е Касами.
Според Шаќири, во моментот има доток од 320 литри вода во секунда.
– Сега има само една активна рестрикција, од 2:30 до 5:30 часот. Другите поголеми рестрикции ги објавуваме на страницата на ЈКП „Шар“, еден ден пред да одиме да го санираме дефектот, а кога интервенираме во градот, објавуваме 30 минути или еден час пред интервенцијата – рече Шаќири.
Граѓаните кои се незадоволни од начинот на пресметка на користење на вода, што сега изнесува 4 кубни метри по член на семејство кое живее во стан, и по 7 кубни метри по член за семејства во куќа, Касами рече дека можат да се обратат во јавното комунално претпријатие со барање да им се инсталира водомер.
Што се однесува на просторот кај судот што се користи за паркинг, Касами истакна дека тој е во сопственост на Министерството за спорт.
– Таму беше комуналната инспекција. Наша надлежност е да следиме дали паркингот има договор со општината за да ја плаќаат комуналната такса за користење на паркинг или нема. Според информацијата на инспекцијата, тие им дале време од јануари, следна година, да дојдат и да склучат договор со општината. За тоа дали имаат документи за користење или немаат, тоа не е во наша надлежност. Дополнително ќе се утврди дали имаат документи за таа локација или немаат – објасни Касами.
Тој најави дека се подготвува и студија со која ќе се изнајде решение за повеќе паркинг простори.
– Со новиот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, ќе седнеме да разговараме за можноста, засолништата да бидат реновирани и користени двонаменски, и како засолниште и за паркинг. Дали ќе се договориме со нив да менаџира јавното комунално претпријатие за паркинг, дали тие ќе ги дадат на јавен приватен партнер, за тоа ќе се одлучува, но за нас е важно тие простори да бидат користени за паркинг – дециден е Касами.
Тој наведе и тоа дека недостатокот на униформирани полицајци и неможноста да се координираат за надлежностите во делот на јавниот простор ќе бидат надминати со формирање на општинската полиција.
За заштита на животната средина Касами рече дека се работи постојано на садење на дрвја на зелените површини во градот и дека има редовни и вонредни контроли на општинската инспекција за животна средина, која ги контролира загадувачите, било да се тоа домаќинства или индустриски капацитети.
– Исто така, имаме проект со УНОПС кој предвидува замена на грејните системи на неколку десетина јавни објекти во Општината, како и во самата општина, судот, болницата. Работиме и во делот на тоа да имаме индикатори, односно мерни станици на неколку локации во градот, при што ќе имаме појасна слика во кој дел се сконцентрирани поголемиот дел од загадувачите – рече Касами.
Раководителот на општинскиот инспекторат Арменд Салихи информираше дека во 2024 година има изречено 35 глоби по 50 евра за физички лица, додека за индустриските загадувачи има изречено само опомени да работат според законот.