Со среќа во новата учебна година!

Со 17 илјади основци и средношколци помалку отколку пред седум години, од кои околу 3.500 првачиња, денеска започнува учебната година. И оваа година, наместо наставата и предизвиците пред учениците, теми се учебниците и протестите за повисоки плати на просветните работници. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вчера, на прес-конференција, рече дека намалувањето на бројот на ученици е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието туку во сите општествени сегменти. Она што го обележува и овој почеток на учебната година е барањето на наставниците да им се зголемат платите, односно да се усогласат со Законот за минимална плата, кое треба да им донесе за околу 12 проценти повисоки примања. И додека СОНК очекува договор со власта и засега нема одлука за штрајк на просветните работници, вчера собир пред МОН организираше опозицискиот СДСМ. Лидерот на партијата, Венко Филипче, порача дека Владата има одговорност во септември да им ги зголеми платите и дека со одлуката да не им ги зголеми платите, ги навредува и понижува наставниците. Министерката Јаневска и вчера повтори дека покачување би имало дури следната 2025 година и дека е безобразно оние што не обезбедиле средства за плати на наставниците, да ги повикуваат на протести за нивно покачување

267

Со 17 илјади основци и средношколци помалку отколку пред седум години, од кои околу 3.500 првачиња, денеска започнува учебната година. И оваа година, наместо наставата и предизвиците пред учениците, теми се учебниците и протестите за повисоки плати на просветните работници. Денеска е првиот училиштен ден од новата учебна 2024/2025 година за 245 илјади основци и средношколци. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вчера, на прес- конференција, рече дека намалувањето на бројот на ученици е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието туку во сите општествени сегменти. Таа најави дека ќе ги заменат постојните политики со нови и прогресивни, во чие креирање, како што рече, ќе учествуваат сите оние што се засегнати.

Учебници по сите предмети, освен по странски јазици за основците

За да бидат спроведени тие политики, додаде, ќе биде обезбеден поширок консензус. Министерката рече дека прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Според неа, обезбедени се 10-ина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени. МОН веќе испорачало до училиштата 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, според Јаневска, во основното образование ќе недостигаат, петта година по ред, учебниците за странски јазици од прво до деветто одделение, поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза, која сè уште трае.

– Потврдувам дека утре учебници ќе има секаде. Ова беше мое прво ветување веднаш по стапувањето на функцијата и денеска можам да кажам дека успешно го реализираме. На виделина излегува неспособноста или недостигот на желба за работа кај неколку претходни министри. Конечно, по повеќе учебни години, ученичките генерации навремено ќе имаат основни наставни помагала за совладување на материјата. Сите учебници што се одобрени и испечатени, веќе се испорачани. Досега, во овие 60 дена, испорачавме над 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали во вредност од над 80 милиони денари. Учебниците се веќе дистрибуирани по училиштата. Доколку се случи некој ученик или родител да се пожали на стар, дотраен учебник, ве информирам дека набавката на учебници ќе продолжи според потребите на училиштата. Евидентна е разликата што ја постигнавме за само два месеца, во споредба со минатите седум години – рече Јаневска.

Таа додаде дека МОН ќе се наврати на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи, како што рече, и таму ситуацијата е слична и, и таа треба да се поправи. Според неа, фрапантен е податокот дека до изминатата учебна година се користеле учебници без регулирани авторски права и оти сега се склучени договори и правата се времено отстапени.

Од Министерството и претходно ветија дека за оваа учебна година, на првиот училиштен ден, децата ќе имаат учебници или наставни материјали по сите предмети, освен за странски јазици, бидејќи, според објаснувањето, тендерот пропаднал и во тек е жалбена постапка.

СДСМ организираше протест, СОНК не се приклучи

Она што го обележува и овој почеток на учебната година е барањето на наставниците да им се зголемат платите, односно да се усогласат со Законот за минимална плата, кое треба да им донесе за околу 12 проценти повисоки примања. Првиот човек на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, вели дека СОНК очекува договор со власта и засега нема одлука за штрајк на просветните работници.

– Наставниците нема да штрајкуваат, иако нема ветување за повисоки плати. Засега се преговара, но не е исклучена и оваа можност. СОНК ѝ остава можност на министерка за образование, Весна Јанева, да излезе со предлог до средината на септември околу платите, а досега не сме добиле никаков одговор, освен дека нема пари во буџетот – вели Неделков во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Според него, основните плати на работниците во образованието се релативно ниски во однос на другите плати и во регионот.

– Основната плата, без никакви додатоци, во основното образование е некаде 33 500 денари во средното е 34 600 денари. Тоа се основните плати, кои се релативно ниски во однос на другите плати и во регионот, а и во однос на некои други дејности кои отстапуваат од дејноста образование, така што сметаме дека, како важна гранка во општеството, вработените во образованието треба да имаат многу повисоки плати – посочува Неделков.

СОНК не протестира, но вчера собир пред МОН организираше опозицискиот СДСМ, со барање да се покачат платите на наставниците. Лидерот на партијата, Венко Филипче, порача дека Владата има одговорност во септември да им ги зголеми платите и дека со одлуката да не им ги зголеми платите, ги навредува и понижува наставниците. Тој ги нарече премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование, Весна Јаневска, мајстори на илузијата. Тој смета дека оправдувањето дека нема пари во буџетот е изговор.

– Имаше ребаланс, можеа да обезбедат средства. Но, наместо за тоа, обезбедуваат средства за други работи – нови министерства, нови вработени во тие министерства. Значи, изговор е дека нема пари. Ако се сака, може да се најдат пари, како што можеа да се најдат и во ковид и во енергетската криза. Ако имаше средства во времето на СДСМ, кога беа најголемите кризи, може и сега да има – рече Филипче на вчерашниот собир пред МОН.

Филипче рече дека никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците, кога има, како што рече, средства за четири нови министерства, за партиски вработувања, луксузирања, авионски карти, за нови директорски места… Тој истакна дека собирот го организирала Комисијата за образование и наука на СДСМ и дека нема никаква врска со Синдикатот.

Покачување од март идната година

Министерката Весна Јаневска, пак, вчера повтори дека поради немање пари во буџетот, покачување би имало дури следната 2025 година. Таа рече дека е безобразно оние што не обезбедиле средства за плати на наставниците, да ги повикуваат на протести за нивно покачување. Таа оцени дека протестот е неоправдан и, како што изјави, манипулативен и за наставниците и за јавноста. Јаневска повтори дека, поради долговите што ги оставила претходната власт во МОН, во овој момент единствена можност е само нивелирањето на платите од 0,5 %, кое од септември ќе го добијат сите наставници, а побараното покачување од 12 % ќе се случи во март идната година.

– Годинава, поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН, во износ од 5 милијарди денари, немаме можност веднаш да реагираме. Со ребалансот месецов, обезбедивме средства за нормален тек на исплатата на постојните права за кои немаше пари, за исплата на стипендии, субвенциониран оброк, превоз, плати во образованието, освоени награди и така таму. Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата, која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство и уверувам дека сè ќе биде подобро за неколку месеци – рече Јаневска.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму оценија дека Филипче доживеал фијаско пред МОН, затоа што протестирале 20-ина партиски активисти, а наставниците не наседнале.

– Филипче ја нема поддршката ниту на своите членови, а не, пак, на народот. СДС беа власт до пред два а тие ги имаа сите можности да ги зголемат платите на наставниците, и не го направија тоа. Наставниците знаат дека од СДС се лицемерни. Наставниот кадар не наседна на политиканството на СДС. Кога беше СДС на власт, платите доцнеа, направија хаос со програмите, ги деградираа наставниците. Сега, сето тоа е различно, ВМРО-ДПМНЕ го враќа дигнитетот на наставниот кадар, а платите ќе се зголемат од март 2025 година – истакна Сергеј Попов, пратеник, претседател на УМС ВМРО-ДПМНЕ.

Собирот што го организираше СДСМ беше под мотото „Немате оправдувања, покачете ги платите!“, а освен Филипче, се обратија и наставници во основното и од средното образование, кои побараа од овој месец платите на просветните работници да се зголемат за 12,15 отсто, заради законско усогласување, односно, во просек, да се зголемат за 4.300 ден.

Претходно, од СОНК ги повикаа своите членови да не учествуваат на протести, освен на активности што ги организира СОНК. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, оцени дека секое мешање на политичките партии во образованието може да биде контрапродуктивно.

На почетокот од новата учебна година, најавени се протести и од Независниот синдикат за образование, кои ќе се одржуваат по завршување на часовите и учениците нема да губат настава. (В.С.Н.)