Во општина Јегуновце се реализираат повеќе проекти со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните.
Во Туденце во тек е изградба на парк и кеj, а вредноста на проектот е 1.200.000 денари. Средствата се обезбедени од буџетот на општината. Во Раотинце пак е извршено комплетно реновирање на внатрешниот дел на училиштето и поставување на термо-фасада на надворешниот дел на цела училишна зграда, а средствата во висина од еден милион денари колку што чинат зафатите, исто така од буџетот на општината. Во населеното место Јегуновце се врши комплетна реконструкција на локални улици, нивно асфалтирање и поставување на атмосферска канализација во должина од 3.000 метри. Овие зафати чинат 37.000.000 денари кои се обезбедени од Министерство за транспорт и од буџетот на Општина Јегуновце.
Премиерот Христијан Мицкоски изврши увид во реализацијата на овие проекти, беше и во Вратница каде се врши реадаптација на постоечки објект во ОУ„Симче Настоски”, од интернат во градинка. Комплетното реновирање на внатрешниот дел на градинката е во вредност од 900.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Jегуновце, а инвентарот е обезбеден од Министерство за социјална политика, млади и демографија
Во изјава за медиумите Мицкоски истакна дека како Влада ќе продолжат и во иднина да подржуваат, да реалоцираат средства за проекти што ќе имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на жителите на целата територија на Македонија.
– И она кое што го зборувавме целиот овој период веќе зафаќа корени и почнува на дело да се применува, рече Мицкоски.