Музејот на град Скопје одбележува седумдесет години од основањето. Тој е формиран во 1949 година од страна на Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на град Скопје. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година и санацијата на објектот на Железничката станица (од 1968 до 1970 година, проект на дипл. инж. арх. Светислав Петровиќ), Музејот на град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда на Железничката станица во 1970 година. Музејот остварува богата научно-истражувачка дејност и врши собирање, средување, стручна обработка, чување, заштита, презентација и публикување на музејски материјал од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и историјата на архитектурата. Врши и археолошки истражувања на територијата на Град Скопје, како и заштита на археолошките, етнолошките, историските и уметничките предмети на подрачјето за кое е основан. Седумдесет години од постоењето (1949 – 2019) и педест години од користење на музејскиот објект Железничка станица (1970-2020) е јубилеј што ќе биде одбележан со пригодна манифестација на 12 февруари 2020 година.