Со Преспанскиот договор, останува на плоштад во Скопје како европско богатство: Воинот на коњ се спаси од ликвидација!

98

Спомениците од проектот “Скопје 2014” ќе куртулат и покрај тоа што наголемо им се подготвуваше ликвидација. Имено, тие беа трн во око на јужниот сосед и еден од поголемите проблеми во комуникацијата меѓу Македонија и Грција. Сепак, со имплементацијата на Преспанскиот договор очигледно овие споменици нема да се уриваат или дислоцираат туку со поставување на табла ќе добијат појаснување дека се од хеленистичкиот период. Премиерот Зоран Заев, деновиве во интервју за босанската N1 телевизија истакна: “Ќе ставиме плочка дека тоа е европско богатство” На прашањето, пак, дали ќе бидат тргнати сите споменици, премиерот Заев одговори: “Не, ниту Грција тоа го бараше, но ќе прогласиме европско богатство, европска историја и слично”

Спомениците од проектот “Скопје 2014” ќе куртулат и покрај тоа што наголемо им се подготвуваше ликвидација. Имено, тие беа трн во око на јужниот сосед и еден од поголемите проблеми во комуникацијата меѓу Македонија и Грција. Сепак, со имплементацијата на Преспанскиот договор очигледно овие споменици нема да се уриваат или дислоцираат туку со поставување на табла ќе добијат појаснување дека се од хеленистичкиот период.

Така, на споменикот “Воинот на коњ” во центарот на Скопје кој уште од самото негово поставување во време на претходната Влада креваше најголема прашина, како што посочува портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, би стоело “дел од хеленистичката историја”. Истото ќе се случи и со ред други споменици кои се од т.н. хеленистички период, а за кои во наредните шест месеци ќе се прецизираат деталите. Бошњаковски појаснува дека ова прашање е уредено со член 8 став 2 од Преспанскиот договор кој гласи:

“Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна (Македонија н.з.) ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна (Грција н.з.), ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство”.

И професорот Мирослав Грчев, кој беше претседател на комисијата за ревизија, поточно утврдување на законитоста на спомениците од проектот “Скопје 2014”, и поборник на нивното уривање, потврди дека тие ќе се решаваат во рамките на спогодбата.

“Работната група беше фокусирана на обврските кои се однесуваат на интервенции во просторот и прекршување на законите. Сепак има и преклопување во однос на обврските што би произлегле од договорот со Грција и овие елаборати би влегле во постапката, поточно во одредување на идните чекори кои Владата би ги преземала”, посочува Грчев. Според него, евентуалното поставување на табли, како и текстот кој би стоел на тие табли, или некои други интервенции е се уште на ниво на шпекулации и ќе зависи од стручните комисии.

Сепак, премиерот Зоран Заев, во неодамнешното интервју за босанската N1 телевизија потврди дека на спомениците ќе биде ставена плочка со објаснување.

“Ќе ставиме плочка дека тоа е европско богатство”. На прашањето, пак, дали ќе бидат тргнати сите споменици, премиерот Заев одговори: “Не, ниту Грција тоа го бараше, но ќе прогласиме европско богатство, европска историја и слично”.

За професорката и историчарка Наташа Котлар-Трајкова, проблемот со спомениците е всушност “вешта манипулација од Првата страна во Договорот (Грција) која сака да си даде легитимитет на освоените територии од османлиската држава, а во однос на која Македонија веќе постоела како посебна област благодарение на Мирцштеските реформи. Раздробеноста и постоењето на сите овие мали балкански држави претставува медијација на надворешната политика на големите сили и во 19. и во 20 век”.

“Како индивидуа во македонското општество не ја прифаќам ниту содржината, ниту одредбата на Преспанската спогодба и тоа прашање за мене не може да биде остварливо. Во однос на спомениците се издига една мистификација дека античка Македонија е грчки свет. Во науката која не е политички обременета античката Македонија и античката Грција се два различни света, два различни народи и културолошки, јазично и историски”, посочува историчарката Наташа Котлар -Трајкова.

Останува да лебди прашањето со споменикот на Цар Самуил. Во јавноста се шпекулира дека Македонија ќе го подари овој споменик на Бугарија во склоп на негувањето на добрососедските односи и дека за ова е разговарано на последната посета на Заев на Софија каде македонскиот премиер завчера присуствуваше на заедничката прослава на 147 години од раѓањето на Гоце Делчев.

Од Владата вчера за Вечер посочија дека се работи за шпекулациии и дека ништо од наведеното не е точно.

“Тој споменик не е од хеленистичкиот период и нема врз основа на што да се превземат некакви активности. За споменикот на Цар Самуил нема никаков процес. Комисијата формирана за историските прашања си ги разгледува тие прашања. Не можеме да претпоставуваме дали некој ќе ги гледа спомениците и ќе реагира. Споменикот на Цар Самуил беше е дел од спомениците кои ги разгледуваше комисијата за ревизија”, велат од Владата.