Со помош на ЕУ до побезбеден авантуристички туризам во Охридскиот регион

49

Истражувањето на природата е суштински дел од човековата природа. Се чини дека пандемијата на Ковид-19 само го засили таквиот порив, сè повеќе луѓе одат на планинарење или практикуваат планински велосипедизам. Но, истражувањето на природата го покренува и прашањето на безбедноста – особено кога станува збор за адреналинските спортови. Европската унија помага во создавањето безбедни услови за зголемениот број посетители на Охридскиот регион кои се занимаваат со авантуристички туризам. Меѓу кои, од витално значење е да се има обучен спасувачки персонал.

Во написот што го објави Делегацијата на Европската унија во Македонија се посочува дека во 2017 година, во рамките на проектот за прекугранична соработка со Албанија, ЕУ ја финансираше изградбата на новата зграда на Центарот за обука на Црвениот крст во Охрид. Целта беше да се обезбедат соодветни услови за обука на млади од средината кои сакаат да се занимаваат со благородната спасувачка професија. И на тој начин да придонесеме прекуграничниот регион на Охридското Езеро да стане безбедна дестинација за авантуристички туристи.

Изградбата беше завршена две години подоцна, вклучувајќи и набавка на опрема за брз одговор во секоја ситуација. Курсот за обука досега го завршија 92 лица – од нив 52 сега се сертифицирани спасувачи на планина и 40 спасувачи на вода. Спасувачите со најдобри перформанси беа дополнително обучени да станат инструктори. Како резултат на тоа, центарот сега е целосно функционален – за спасувачки служби во планина (од Охрид) и во вода (од Поградец, Албанија).

Според Антонио Додевски, раководител на Планинската спасувачка служба, спасувачите спасиле повеќе од 40 животи во реализирани над сто спасувачки операции.

– Би ја издвоил евакуацијата на повреден параглајдерист од стрмна карпеста падина на планината Галичица. Откако му беше укажала прва помош – запирање на обемно крварење и имобилизација, спасувачката екипа изврши сложена процедура за евакуација и транспорт до медицинскиот центар. Оваа операција заврши успешно благодарение на подготвеноста и ефективноста на спасувачите и современата опрема набавена во рамки на проектите за прекугранична соработка финансирани од ЕУ – вели Додевски.

За да се обезбеди безбедност на туристите деноноќно, воспоставена е нова СОС линија. Организирани се и разни настани и работилници за да се промовира центарот и да се привлечат повеќе млади луѓе во меѓународно сертифицираната програма за обука.