„Сакаме овој простор да биде достапен до јавноста и до сите љубители на уметноста како иден атрактивен културен центар во Скопје, центар за сите кои својата уметност ќе сакаат да ја изложат/претстават. Се надеваме дека новата Влада и новите министри ќе придонесат за целосно решавање на овој простор на најстарото здружение кое постои 77 години“, рече претседателката на Друштвото на ликовните уметници на Македонија проф. д-р Јана Манева-Чупоска, на промовирањето на новиот, сега веќе сопствен простор на ликовната асоцијација, кој се наоѓа во близина на Градскиот парк, на ул. Илинденска бр. 63. Новиот сопствен простор на ДЛУМ беше промовиран со изложбата „Поместени граници“

„13 јуни 2024 лично за мене и за сите членови на ДЛУМ ќе остане запаметен како датум, бидејќи Друштвото на ликовни уметници на Македонија доби сопствен простор на ул. „Илинденска“ бр. 63. Иако просторот бара сериозна инвестиција и средување според сите воспоставени стандарди, сепак одлучивме да го отвориме за јавноста со изложбата ‘Поместени граници’, а идејата беше да направиме провокација, пред сè, кон уметниците да се приспособат на овој простор како таков, но и јавна провокација за да се изнајдат финансиски средства и да се овозможи целосно функционирањето на ДЛУМ“, рече претседателката на Друштвото на ликовни уметници на Македонија проф. д-р Јана Манева-Чупоска, на вчерашното промовирање на новиот, сега веќе сопствен простор на ликовната асоцијација, кој се наоѓа во близина на Градскиот парк.

Отворајќи ја изложбата „Поместени граници“, Манева-Чупоска истакна дека на Скопје му недостасуваат вакви простори, а тоа значи дека грижата не треба да е само на асоцијацијата на ликовни уметници, туку и на други субјекти и институции, започнувајќи од Владата и министерствата, како и локалната самоуправа – Град Скопје и Општина Центар. „Се надеваме дека новата Влада и новите министри ќе придонесат за целосно решавање на овој простор на најстарото здружение кое постои 77 години. Сакаме овој простор да биде достапен до јавноста и до сите љубители на уметноста како иден атрактивен културен центар во Скопје, центар за сите кои својата уметност ќе сакаат да ја изложат/претстават. Идејата е тој покрај за македонските, да биде и простор за резиденции на странски уметници кои соработуваат со ДЛУМ“, додаде претседателката на Друштвото.

Инаку, изложбата „Поместени граници“, која се реализира веќе неколку години  како дел од годишната програма на ДЛУМ, годинава на иновативен и различен начин пред љубителите на уметноста дојдени вечерта на отворањето го промовираше новиот простор на Друштвото. Делата на уметниците застапени на изложбата посетителите можеа да ги видат виртуелно со скенирање на QR-кодови кои беа поставени низ просторот.

„Оваа година, концептот на изложбата е делата да се изложат виртуелно, поради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Концептот предвидува стратешко поставување на QR-кодови низ просторот, преку кои ќе се претстават делата на уметниците, истакнувајќи ги потенцијалните позиции за идни уметнички инсталации. Секој QR-код поставен на различни локации во зградата ќе се поврзе со 3Д- претставување на уметноста со зголемена реалност (AR), која го подобрува искуството на гледачот преку потенцирање дигитална содржина во физичката средина. Преку AR, посетителите може да ги гледаат уметничките дела виртуелно, како што би се појавиле во завршен и куриран амбиент, и покрај моменталната состојба на физичкиот простор”, истакна претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ проф. д-р Маја Рауниќ-Кирков.

Темата на изложбата која вклучува дела на етаблираните автори Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев-Динка, Ана Темкова и помладите Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Кристијан Јованоски, Игор Танески и Ана ’Вчкова, е истражување на различните конотации на границите, без разлика дали тие се физички, имагинарни, природни, реални, политички или емотивни…

„Уметниците сè повеќе усвојуваат мултидисциплинарен и интердисциплинарен пристап кој ги надминува традиционалните граници, со што се проширува или целосно го занемарува поимот граници. Оваа тематска изложбена серија се обидува да предизвика мисла и дијалог за темите на вклучување, трансформација и меѓусебна поврзаност. Концептот се фокусира на клучната улога на Друштвото, кое опстојува повеќе од 77 години и може да се пофали со база на податоци од 800 членови, вклучувајќи ценети основачи и наследство на реномирани уметници. ДЛУМ служи како мост меѓу генерациите, и го отелотворува континуитетот и еволуцијата во македонската ликовна заедница, преносот на традиција и поттикнува соработка помеѓу потврдени и етаблирани уметници и младите таленти кои се појавуваат. Прифаќањето на поканата за учество на членови од различни генерации служи како моќен симбол на посветеноста на Друштвото за премостување на генерациските јазови и поттикнување соработка меѓу различните возрасни групи. Тоа го зајакнува идентитетот на Друштвото каде што уметници од сите возрасти се здружуваат за да ја прослават креативноста и традицијата“, додава Рауниќ-Кирков.

Дизајнот и идејата на годинешната изложба е на Христијан Санев. Инаку, ДЛУМ ова претставување го разработи во соработка и активно учество на Уметничкиот совет, неговата претседателка проф. д-р Маја Рауниќ-Кирков и кокураторот Стефан Александар Јовановски. На отворањето покрај претходно споменатите се обрати и проф. Симон Шемов како претставник од повозрасната генерација автори и членови на Друштвото.

Изложбата „Поместени граници“ и целиот настан имаа за цел активно да ги вклучат сите членовите на ДЛУМ, сите генерации уметници, како и целата културна јавност, во поддршка за активирање на овој нов простор. Замислената трансформација во иднина вклучува претворање на просторот во галерија, канцеларија, изложбен простор и простор за работилница, а со тоа максимизирање на неговиот потенцијал и подобрување на неговата улога во уметничката заедница. Ова треба да го означи почетокот на новото поглавје за Друштвото на ликовни уметници на Македонија. (Н.И.Т.)