Со поетското читање „Мостови“ завршуваат Струшките вечери на поезијата

50

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” вечерва завршува 60. издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.

Јубилејното издание на најстарата поетска манифестација, се одржува под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид – 19. Поетските читања ќе се одржат на летната тераса во хотел „Дрим“, а не според традицијата на Мостот на поезијата.

Поради пандемијата не присуствуваше ниту добитничката на Златниот венец, британската поетеса Керол Ен Дафи. Таа имаше видео обраќање и читање поезија преку он-лајн врска. Поетите учесници, кои присуствуваат во Струга ќе го посетат Вевчани и Вевчанските извори.

На манифестацјата учествуваа 30-тина поети, дел од нив пристигнаа во градот на поезијата, а дел читаа поезија преку видео врски. Во рамките на програмата синоќа беше промовирано „Македонско поетско соѕвездие“ во чест на академик Георги Старделов. За делото говореше македонскиот поет, раскажувач, есеист и теоретичар Владимир Мартиновски, кој оцени дека академик Старделов оставил во аманет неодминлива книга за секој што ќе сака темелно да ги запознае одликите и естетските дострели на современата македонска поезија.

„Станува збор за невообичаено волуменозна книга (со без малку 900 страници), која се чита како врвна белетристика. Таа е еден вид синтеза и сума сумарум на долгогодишниот безрезервен и пасиониран ангажман на Георги Старделов во анализирањето, толкувањето, вреднувањето и промовирањето на дострелите на современата македонска поезија. Сочинета од пет претходно објавени книги, посветени на пет стожерни творечки личности за македонската литература и култура од првите две повоени генерации, ‘Македонско поетско соѕвездие’ е еден вид петокнижие на македонската поезија на втората половина од 20 век“, рече Мартиновски.

Претходно се одржа омаж во спомен на македонскиот поет Богомил Ѓузел, а говореше претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева.