На 1 август започнува петтото издание на „Галичник филм фестивал“. Во рамките на годинашната програма се селектирани 28 краткометражни филма, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали, како што се Канскиот, Венецијанскиот, „Торонто филм фестивал“, „Санденс“, „Локарно“ и многу други.

– Овие филмови, кои претставуваат богатство на жанрови и приказни, ќе ве однесат на патување низ различни култури и емоции. По свеченото отворање, магијата ќе продолжи со настапот на „Скопје брас квинтет“. Нивната музика ќе ја исполни вечерната тишина, создавајќи совршен спој на звуци и на слики. Дел од проектот „Филмско-музичка фузија“, тие ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени – велат организаторите.

Во текот на четирите дена, покрај филмските проекции, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности: дискусии со режисери и со актери, работилници и многу повеќе. Љубителите на културата ќе може да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.

Во жири-комисијата оваа година се: актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска, филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и балканска работилница за краткометражни сценарија, под водство на Дејан Дуковски. Избрани се пет проекти во развој, од земјата и од регионот.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и од Министерството за култура и туризам. Програмата на „Галичник филм фестивал“ е бесплатна.