Проблемот со пасошите може сериозно да се одрази врз прометот на туристичките агенции. Тие стравуваат дека ќе им се случи реприза на пандемијата, кога се откажуваа голем дел од аранжманите, а клиентите бараа враќање на парите. Туроператорите што имаат сопствен закуп во Грција, велат дека веќе платиле аванси и аконтации, а не може да си ги вратат парите назад. Поради тоа, тие апелираат до надлежните да се најде некое решение и за проблемот со пасошите, како што се направи со возачките и со сообраќајните дозволи, кои продолжија да важат до крајот на годината. Едно од решенијата што го нудат е да важат пасошите барем во оние држави што се подготвени да прифатат наши туристи со стари пасоши за да не им пропаднат аранжманите кои веќе се уплатени.
Од туристичките агенции велат дека граѓаните повеќе не можат да излезат од државата доколку не поседуваат пасош со Северна Македонија, поради тоа не букираат одмори и не вршат уплати, бидејќи парите не се враќаат назад.
– Главен проблем е застој на интересот за купување аранжмани. Тој проблем ги ограничува граѓаните да резервираат и да вршат уплати за одмори и за патувања, бидејќи не можат да излезат надвор од Македонија со стариот пасош. Проблемот нема да се реши ако останат нашите туристи да летуваат дома. Во тој случај, ќе има големи штети за туристичките агенции, бидејќи тие директно комуницираат со хотелите и со сопствениците на апартмани и не им требаат туроператори. Проблемот е сериозен и не смее да се игнорира – изјави за весникот ВЕЧЕР Мирче Пешевски, управител на туристичка агенција.
Годинава не се цените толкав проблем, бидејќи нема да резултира тоа со намален број патници, колку што се пасошите проблем. Поради тоа, од туристичките агенции стравуваат дека нема да може да ги задржат оние понуди што ги добиле со одредени аванси и аконтации.
– Предлагаме да се најде некое решение и за проблемот со пасошите, како што се направи со возачките и со сообраќајните дозволи, кои продолжија да важат до крајот на годинава. Ние предлагаме да важат пасошите барем во оние држави што се подготвени да прифатат наши туристи со стари пасоши. Ако Турција, Египет, Тунис ги прифаќаат старите пасоши, зошто тогаш да не отидат македонските туристи таму на летување? И во времето на короната имаше различни ставови за ист проблем, некаде примаа само со сертификат, некаде само со прележан ковид… Зошто и сега да не се најде некое заедничко решение? – додава Пешевски.
Некои од агенциите ги намалија цените за патувањата и за аранжманите во претсезона за 20 до 40 евра, но оние што немаат пасоши со „Северна Македонија“, не сакаат да ризикуваат и да вршат предвремени уплати, бидејќи парите нема да им се вратат назад.
– Зголемените цени годинава не се толку голем проблем колку немањето пасоши со „Северна Македонија“. Голем дел од граѓаните само доаѓаат и прашуваат за попусти и за цени, но не вршат уплати, бидејќи не знаат дали ќе успеат да извадат пасош. Има граѓани што имаат закажано за пасоши по летото, па чекаат да видат дали ќе се промени одлуката. Има и такви што поднеле документи, но не знаат кога ќе им бидат готови пасошите – вели Маја Димитровска од една скопска туристичка агенција.
Како и да е, ако не се најде некое соодветно решение, оние што немаат пасоши со „Северна Македонија“, ќе останат да летуваат во домашните туристички центри.
(А.С.)