Почната е тендерската постапка за изградба на пешачка и велосипедска патека до локалитетот Била Зора во Свети Николе.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски информира дека првата фаза ќе се гради со средства од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој, што ги доделува за Вардарскиот регион.
Втората фаза ќе се гради преку Агенцијата за рурален развој, за што имаат добиено над девет милиони денари.
– Морам да кажам дека преку Агенцијата за рурален развој ќе се градат и улици од еден километар во селото Црнилиште. Овој проект е од исклучителна важност, бидејќи таму подобра патна инфраструктура ќе добијат околу 600 жители, каде што има и голем број на младо население, кое живее и ги обработува нивите. За овој проект доделени се над девет милиони денари – вели Велковски.
Тој додава дека третиот проект, за што имаат добиено средства преку Платежната агенција е и рехабилитација на локалниот пат од селото Ерџелија до селото Пеширово.
Овој локален пат е во многу лоша состојба и целиот е со дупки, со што месното население ќе може подобро да транзитира од едно село до друго, но и земјоделците да пристигнуваат до своите ниви. За овој проект се обезбедени над 12 милиони денари.