За неполна недела македонската сениорска ракометна репрезентација ќе настапи на Светското првенство во Германија и Данска. Македонија е во Б-група со селекциите на Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. На ова првенсто „црвено-жолтите“ ќе настапат во нови дресови кои и официјално беа промовирани под мотото „Со нов дрес до нови победи“.
На промоцијата на новиот дрес беа присутни претставниците на Ракометната федерација на Македонија, како и селекторот Раул Гонзалез и капитенот Кирил Лазаров, а сите што си купија дрес по промотивни цени имаа можност иститот да им биде потпишан од најдобриот македонски ракометар.
Ракометарите вечерва во (20 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одиграат првиот од двата предвидени контролни натпревари против репрезентацијата на Србија. Вечерашниот натпревар е од отворен карактер и влезот е слбоден, а утрешниот ќе биде затворен за јавноста.
Во меѓувреме ќе се „скенираат“ противниците и ќе се крои соодветна стратегија за петте натпревари во групата. Се најавуваат групи на македонски навивачи, па многу веројатно нашата селекција ќе има најголема поддршка од сите шест репрезентации во групата.
Избраниците на селекторот Раул Гонзалез првиот натрпевар во групата ќе го одиграат пртив Јапонија на 11 јануари, на 13 ќе играат против Бахреин, а по тоа следуваат дуелите со Хрватска, Шпанија и Исланд.