Со новите чартер летови се очекува од 5 до 7 илјади британски туристи во државата

Сајмон Калдер, британски експерт за патувања, го оцени Охрид како „дестинација за сите времиња“ и го опиша како неверојатно убава дестинација за одмор и ги повика британските туристи да ја посетат оваа дестинација. Ова лето, започнувајќи од јуни, ќе има по два чартер лета неделно од Манчестер и од Лондон до Охрид, а заедно со редовната линија од Лутон до Охрид тоа се вкупно три до четири лета неделно. Со оглед на тоа од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот летово се очекуваат од 5 до 7 илјади британски туристи во државата

116

Летово се очекува наплив од британски туристи во Македонија, откако Сајмон Калдер, британски експерт за патувања го оцени Охрид како „дестинација за сите времиња“ и го опиша како неверојатно убава дестинација за одмор. Ова го потврди и првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, кој за весникот ВЕЧЕР, рече дека оваа лето започнувајќи од јуни ќе има по два лета неделно од Манчестер и од Лондон до Охрид, а заедно со редовната линија од Лутон до Охрид тоа се вкупно три до четири лета неделно.

-Туроператорот ТУИ Велика Британија ќе почне да лета од почетокот на јуни и ќе има по два чартер лета неделно од Манчестер и од Лондон. Се работи за активни туристи, кои ја препознаваат Македонија како дестинација за активни форми на туризам. Очекуваме преку овој туроператор во текот на летото да пристигнат од 5 до 7 илјади британски туристи кои ќе останат во пакет од 5 до 7 дена овозможувајќи им целосни авантури во неоткриената дестинација. Освен тоа поради добрата конекција помеѓу Лондон и Охрид, оваа лето очекуваме раст на британските туристи во нашата држава, изјави Јаневски.

Тој додава дека според светските платформи за букирање има одличен интерес за патување во Македонија од земјите од Западна Европа во првите три месеци. Сето ова претставува дополнителна мотивација да работиме на промовирање на нашата држава и да ја постигнеме целта од 3,2 милиони ноќевања која ја поставивме за оваа година, додаде Јаневски.

Иако цените на летовите се зголемија оваа година, според британскиот експерт за патување Сајмон Калдер постои „најдобра дестинација за сите времиња“ каде што цените се вратија во 1990-тите.

-Понудата за сите времиња летово ќе биде новата дестинација на Северна Македонија, авионска линија која ќе лета од Манчестер до Охридското Езеро, кое е прекрасно и како излезено од бајките. Тоа се 386 фунти по лице. Фантастично е. Јас сум бил таму. Апсолутно е прекрасно, езеро, планини, цркви, фантастична клима…Пријателски луѓе, одлични цени како од 1990-тите за речиси сè. Добијте евтина зделка и одете таму, оценува Сајмон.

Тој додава дека туристите можат да талкаат низ Стариот град на Охрид и да уживаат во локални деликатеси по евтини цени во едно од неговите атрактивни кафулиња. Британците би можеле да се релаксираат на лежалка покрај брегот на езерото или да тргнат на водена авантура со даска за веслање или кајак. Во Охрид се наоѓа и историскиот манастир „Свети Наум“,„до кој може да се стигне со едно и пол час возење со брод.

(А.С.)