Со низок хидропотенцијал, сè уште се крстиме на старите термоцентрали

1505

РЕК Битола и РЕК Осломеј се двата клучни енергетски капацитети во земјава, но и двата се во лоша состојба. И покрај тоа, двата блока во РЕК Битола произведуваат електрична енергија, а со максимални напори е оспособен и РЕК Осломеј кој веќе половина месец помага во обезбедување енергија за електроенергетскиот систем за постабилна грејна сезона за сите граѓани во Македонија.

И двата капацитета се изградени во далечната 1980 година и по 44 години сè уште се клучни за снабдувањето на Македонија со електрична енергија.

РЕК Битола работи со ограничен домашен и поскапо платен увозен јаглен

Битолскиот рударско енергетски комбинат произведува во просек од 45 до 50 проценти од електричната енергија во Македонија, но сега работи со намален капацитет затоа што во функција се само вториот и третиот блок, а Блок 1 нема да работи поради тоа што навреме не е направен ремонтот. Дополнителен проблем, како што тврди раководството на комбинатот, е што јагленот што се користи за производство на струја не е со потребниот квалитет и моменталната производна цена на електричната енергија на РЕК Битола изнесува 136 евра за мегават/час, а на ниво на АД ЕСМ изнесува 118 евра мегават/час. За споредба, таа цена во 2020 година не надминуваше 50 евра мегават/час. Овој комбинат е во финансиски проблеми и со долг од 60 милиони евра.

РЕК Битола нема доволно јаглен за работа од сопствените рудници Суводол и Брод-Гнеотино, затоа увозот ќе мора да продолжи. Како што им беше потенцирано на новинарите кои пред два месеци беа во обиколка на овие два рудника, од Суводол можат дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино. Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што, според директорот на производството во АД ЕСМ, Зоран Коњановски, е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане, а за да работат и другите два блока, ќе мора да продолжи увозот од Грција. За да работат трите блока, потребни се 18.000 тони јаглен дневно.

Но, бидејќи е потребно подолго време за рудниците за јаглен да се доведат во состојба за ископ на поголемо количество, Коњановски вели дека ќе продолжи праксата на увоз на јаглен од Грција.

– Тенденцијата е со зголемени количества на увозен јаглен од околу 70 до 80 проценти да го намалиме увозот на електрична енергија на, би рекол, 10 до 15отсто од она што увезувавме до сега. Значи, енормно намалување на увозот на електрична енергија со наше производство, но бидејќи јагленот го немаме, мораме како ресурс да го обезбедиме – изјави Коњановски.

Тој очекува во следните 3 години да се стабилизира финансиската состојба во РЕК Битола и веќе од 2025 година производствената цена да се намали за 35 проценти.

– А веќе секоја наредна година да ни паѓа производната цена на еден произведен мегават/час енергија. Со нашите проекции, некаде од 2027 година ќе мораме да го кренеме и домашно производство на јаглен, со тоа ќе се намали и потребата од увоз и би се вратиле пет, шест, десет години наназад, на производството – вели Коњановски.

Грогираниот РЕК Осломеј половина месец произведува струја

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска викендов ја посети втората термоелектрана во земјава, вклучувајќи ја машинската зграда, турбината, и локацијата на котелот и блок-командата. Таа истакна дека затекнатата состојба во РЕК Осломеј е катастрофална.

– Состојбата што ја затекнавме е лоша и тоа нема да го криеме. Машини што се борат со товарот на времето, јаглен кој е далеку од квалитетот што би го поддржал производството, и техничка опрема која итно бара замена. Ова е само дел од катастрофалната состојба во која е оставен РЕК Осломеј. Меѓутоа се вложуваат максимални напори, а понекогаш и невозможното, за да ги стабилизираме капацитетите. Со ангажман на нашите стручни лица и новиот менаџмент, веќе гледаме позитивни резултати – изјави министерката Божиновска.

Директорот на РЕК Осломеј, Сашо Вренцоски, информираше дека, иако соочени со исцрпени резерви на јаглен, затекната катастрофална состојба, неизвршен ремонт на термоелектраната, половина од деловите потребни за вклучување во производство нефункционални, сепак РЕК Осломеј успеа речиси половина месец помага во обезбедување енергија за електроенергетскиот систем за постабилна грејна сезона за сите граѓани во Македонија.

– Благодарение на заедничките напори на новиот менаџмент и вработените, успеавме според можностите и краткиот период за подготовки да го оспособиме капацитетот, да го вклучиме во електроенергетскиот систем со цел да го зголеми домашното производство на електрична енергија. Доколку имаме дотур на јаглен, се надеваме дека термоелектраната ќе биде во можност да одговори на предизвиците и да помогне во текот на претстојните зимски месеци – истакна Вренцоски.

Вработен, со 40-годишно работно искуство токму во оваа централа, ја информираше министерката дека морале да го користат сето свое искуство и знаење за да го извлечат најдоброто од лошиот јаглен кој им бил донесен претходно, и кој сè уште го користат бидејќи мораат да ги дотрошат залихите како би и заштедиле на државата. Тој заедно со колегите успеале барем да ги ублажат последиците врз дотраените машини, и спречиле нивно неповратно оштетување, но апелираше до министерката да се заложи за строги контроли каков јаглен се набавува.

– Ние си го знаеме и комбинатот и јагленот и нашите стари машини, а со новата апаратура која неодамна ја добивме сега сме уште попрецизни, а ако добиеме помодерна пак, ќе нема попрецизни од нас – се пофалија вработените во лабораторијата на РЕК Осломеј.

Директорот за развој и инвестиции, Владимир Пејоски, ги претстави плановите за 2025 година, истакнувајќи дека трансформацијата е во тек.

– Градиме нови капацитети за обновлива енергија. Пред неколку дена објавивме оглас за изведувач на изградба на две фотоволтаични централи ФЕЦ Осломеј 2 и ФЕ Битола 1 со вкупна инсталирана моќност од 30 мегавати. Работиме и на физибилити студии за проекти кои ќе донесат уште поголема енергетска независност – рече Пејоски.

Моменталниот хидропотенцијал за производство на струја е околу 20 проценти, што е далеку под просекот за овој период од годината. Со оглед на слабиот хидропотенцијал, од АД ЕСМ најавија дека ќе продолжат со производство на електрична енергија искористувајќи ги пред сè, своите расположливи капацитети од двете термоцентрали, како основа за производство на базна енергија и ќе продолжат да купуваат електрична енергија на секои две недели до крајот на годината во согласност со потребите на универзалниот снабдувач и зголемениот конзум во претстојниот период.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ