По реализацијата на завршните градежни работи за помалку од триесетина дена, мостот на булевар „АСНОМ“ ќе биде ставен на располагање на скопјани, а особено жителите на Аеродром, Центар и Гази Баба, најави на денешната прес-конференција, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.
– Изградбата на овој булевар во планската документација на Скопје постои уште од1965 година, но за жал заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба секогаш била одложувана за некои подобри времиња – изјави Шилегов.
Тој истакна дека Скопје по повеќе децении добива нов мост кој овозможува брза врска на најнаселената општина во Скопје, Аеродром, со Гази Баба, преку централното градско подрачје.
-Со тоа, времето на патување од Ново Лисиче до Мавровка го скратуваме за околу 70 проценти. Со новиот мост се зголемува функционалноста и динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ трите општини – појасни Шилегов.
Образложувајќи ги неговите карактеристики тој додаде дека мостот се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали. Има шест коловозни ленти, со енергетски ефикасно лед улично осветлување, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќање.
На новопробиениот булевар „АСНОМ“ и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот го краси и дрворед, кој засаден од двете страни.
– Во Скопје два мостови истовремено не се граделе со децении. Едниот е овој којшто е во завршна фаза, а другиот во Карпош кој штотуку го започнавме. Продолжуваме да градиме по план нови сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните – заклучи Шилегов.