Во Кинотека на Македонија утре во 19 часот започнува серија проекции на грчки филмови со наслов „Ајде да се запознаеме“. Целта на проекциите, како што нагласуваат од амбасадата на Грција, е да се претстават современите грчки филмови кои се многу сакани во Грција, но и во странство.

Серијата на проекции „Ајде да се запознаеме“ ќе започне со повеќепати наградуваниот филм „Мала Англија“ (2013) на Пантелис Вулгарис, еден од најзначајните грчки режисери, кој заедно со Теодорос Ангелопулос беа главните претставници на трендот на Новата грчка кинематографија, која стана светски позната во 70-тите.

Филмот „Мала Англија“ е романтична драма, која се врти околу тоа како договорениот брак ќе го размрда животот на едно семејство во периодот помеѓу 30-тите и 50-тите години. Дејството на филмот се одвива на островот Андрос, наречен Мала Англија поради финансиската моќ на неговите жители. Филмот „Мала Англија“ е производ на соработката на режисерот Панделис Вулагарис и истакнатата грчка писателка Јоана Каристианис и постигна голем успех од уметнички но и од комерцијален аспект. Доби 6 признанија од Грчката Филмска Академија и награда за најдобар филм на 17. Меѓународен филмски фестивал во Шангај.

Влезот е бесплатен.