Од саботата со македонски „таг“ може да се плаќа патарина во Србија и обратно. Кај северниот сосед овој начин на плаќање на патната такса е функционален и се чекаше да се направат сите тестирања и од македонска страна за да се официјализира целата процедура.
Воведувањето единствена ознака за електронска наплата на патарините во Македонија и во Србија значи дека возачите на возилата опремени со овој уред може да плаќаат патарина без застанување и дополнителни набавки на уреди и картички во секоја земја, бидејќи ТАГ-от ќе биде поврзан со платежна или со дебитна банкарска картичка.
ТАГ-от (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на веб-порталот openbalkan-etc.com.
Примената на т.н. еден таг треба да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да го намали метежот на автопатиштата.
– Очекуваме овој начин на плаќање на патарината да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, да се намали емисијата на штетни гасови од моторните возила, а предност за граѓаните е што во таканаречениот шпиц во сезоната нема да чекаат во редици, што, пак, значи дека побрзо ќе стигаат до одредената дестинација – велат од ЈП за државни патишта.
(С.Бл.)