Климатските промени сè почесто се причина за временски непогоди со разорни размери. Најнов пример во Европа е Шпанија, каде што поплавите зедоа повеќе од 200 животи и разурнаа илјадници домови и друга инфраструктура.
И додека Шпанците се гневни на властите што доцна реагирале и ги обвинуваат за катастрофалниот исход од поплавите, во Европа има и владејачки гарнитури кои поучени од лошите искуства однапред ги пресметуваат работите свесни за неволјите што може да им ги донесат климатските промени.
Копенхаген, на пример, инвестира 43 милиони евра за изградба на тунел кој ќе ги прифаќа атмосферските води. Челниците на градот почнале сериозно да размислуваат во 2011 година кога катастрофална поплава за неколку минути ги преобрази улиците и плоштадите.
-Таа година сфативме дека Копенхаген ќе биде погоден од климатските промени, па ги анализиравме влијанијата. Изгледа дека ќе имаме до 30 проценти повеќе дожд и зголемување на врнежите што ќе имаат големо влијание врз градот, објасни Јан Расмусен, директор на проектот на Градскиот план за климатска адаптација на Копенхаген, пренесува Еуроњуз.
„Планот за управување со бури“ на данскиот главен град се состои од серија мали и големи природни и технички решенија, над и под земја. Тунел долг 1,3 километри ќе ги поврзува езерата во внатрешноста на данската метропола со крајот на пристаништето. Се очекува да биде отворен во 2026 година.
Копенхаген не е единствениот европски град чии лидери пронајдоа иновативни и еколошки начини да се подготват и заштитат од климатските промени. Холандија со векови се бори со управувањето со морето и водите со насипи, брани, црпење вода…, а меѓу поинтересните решенија се пливачките населби и плоштади. Во декември 2014 година, ротердамскиот Бентхемплеин стана првиот воден плоштад во светот. Може да собере речиси два милиона литри вода. Исто така, кога силна бура го погоди Амстердам во октомври 2022 година, жителите на пловечката населба Шуншип не се сомневаа дека ќе можат да ја пребродат. Издржаа додека земјиштето се лизгаше нагоре и надолу на челичните темели.
Париз, пак, се бори против климатските промени со проширување на зелените површини и садење урбани шуми. Француската престолнина се обврза да засади 170.000 нови дрвја до 2026 година. Покрај тоа, тие имаат за цел да создадат урбани оази за намалување на температурите за време на топлотните бранови. Клучните области, како што се Плас де ла Бастилја и Елисејските полиња, претрпуваат зелени трансформации. Еуроњуз пишува дека се садат дрвја отпорни на топлина. Кристофер Најдовски, заменик на градоначалникот за зелени површини, ја нагласува потребата за видови кои успеваат при недостаток на вода и екстремни горештини. Овој трансформативен пристап кон урбаното садење дрвја е дел од поширок урбанистички план на Париз, кој настојува да создаде „биоклиматски” град, каде што зелените површини извираат од покривите, јавните плоштади и повеќе јавни станбени објекти.