Со каков абер доаѓа комесарот Вархели?

 Еврокомесарот Вархели, минатиот месец изјави дека пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да почнат на пролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври

171
Oliver Varhelyi pictured during a New Year's reception organized by the Royal Family at the Royal Palace in Brussels for the foreign diplomats and chiefs of mission (ambassadors and consuls), accredited in Brussels, Thursday 10 January 2019. BELGA PHOTO JAMES ARTHUR GEKIERE

Новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархели,кој во јавноста стана познат по изјавата дека ЕУ мора пролетва да ја исправи направената грешка, во среда и четврток доаѓа во посета на државава. Тоа ќе биде негова прва посета на Македонија по стапувањето на функцијата.

Според агендата, Вархели ќе има средби со владини претставници, на кои би требало да се разговара за новата методологија предложена од Франција и текот на реформите во земјава, особено донесувањето на законот за јавно обвинителство.

Европската комисија треба да излезе со предлог за новата методологија до крајот на јануари. Комисијата ќе објави мини-извештај за Македонија и Албанија во февруари, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март.

Еврокомесарот Вархели, минатиот месец изјави дека пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да почнат на пролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.

Поранешниот амбасадор, Благој Зашов, во интервју за ТВ 24 изјави дека иако следната можност за добивање датум е за време на Европскиот совет во март, позитивни резултати можеме да очекуваме дури на Самитот во мај, во Загреб, каде покрај присуството на членките на Унијата ќе бидат поканети и земјите од Западен Балкан.

Зашов вели дека Франција во моментот се соочува со протести кои ќе го дефокусираат Макрон од Западен Балкан, а со тоа ќе се зголемат шансите за добивање датум.

-Во Франција има внатрешни проблеми и Макрон мора да се посвети на нив и верувам дека можеби и тоа малку ќе го олабави во неговото меѓународно однесување, вклучително и кон неговиот став за Македонија и Албанија, смета Зашов.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, минатата недела на официјалниот почеток на претседателството на Хрватска во ЕУ изјави дека мора да се најде начин паралелно со внатрешните реформи на Унијата да се одвиваат преговорите со Македонија и Албанија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кажа дека отворањето преговори со Македонија ќе биде многу високо во приоритетите на хрватското претседателство со Унијата. Во таа насока тој најави дека во Загреб ќе бидат поканети лидерите на земјите од Западен Балкан со цел да се афирмира европската перспектива на овие држави.

Според Пленковиќ, Скопје заслужува да ги започне преговорите бидејќи биле вложени големи напори, вклучително и промената на уставното име. Тој рече дека новата методологија ќе биде готова наскоро и оти Франција ќе ја претстави.

Проширувањето со земјите кандидати од Западен Балкан е еден од првите три приоритети на хрватското претседателство со Унијата заедно со буџетот на ЕУ и Брегзит. Францускиот претседател Емануел Макрон деновиве  изјави дека посакува Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај во Загреб да биде „момент на единство“ за Европа и „успех“.