Во индустриската зона „Речица“ кај Куманово денеска почна изградбата на логистички центар „Лидл“. Според најавите на компанијата, логистичкиот и дистрибутивен центар ќе се простира на околу 200.000 квадратни метри, инвестицијата е вредна околу 80 милиони евра, а се планирани повеќе од 150 вработувања.

На претставувањето на најголемата инвестиција на меѓународниот малопродажен синџир „Лидл“ во нашата земја, покрај претставници на „Лидл“, присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, германската амбасадорка Петра Дрекслер и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

– Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување „Лидл“ планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари – истакна премиерот Ковачевски.

Тој потенцира дека преку владините економски оправдани мерки, овозможено е  двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, а тие уште повеќе ќе се мултиплицираат со извесното членство на Македонија во ЕУ.

– И додека светската економска криза ги погоди сериозно и светски развиените економии, ние успеавме да ги задржиме работните места, а преку интервентни мерки ја стабилизиравме нашата економија и обезбедивме континуиран раст. Создадовме поволни услови за раст и во технолошко-индустриските развојни зони, каде бројот на вработени се искачи на 18.000, а просечната бруто плата во компаниите, според најновите податоци, надмина 60.000 денари – рече Ковачевски.