Со изложбата „Приказни за виното“, Стефан Хаџи-Николов во Варна

171

Во галеријата „Арт Маркони“ во Варна, Бугарија, e отворена 90. самостојна изложба на македонскиот ликовен уметник Стефан Хаџи-Николов. На изложбата, Хаџи-Николов се претставува со 15 слики, масло на платно од циклусот „Приказни за виното”. Ова е 14. самостојна изложба на сликарот во Варна.

Стефан Хаџи-Николов е роден 1955 година во Скопје, а Педагошка академија, група Ликовно воспитување, завршил 1975 година, во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1984 година, а членува и во Словенската литературна и уметничка академија со седиште во Варна (Бугарија). Во повеќе од 40-годишното творештво, Хаџи-Николов има одржано самостојни изложби во земјава и во странство, низ културните центри како Белград, Софија, Истанбул, Лондон, Париз и други градови.

За својата уметничка дејност е наградуван 17 пати, меѓу другото е добитник и на: државната награда „23 Октомври“ (2015), за долгогодишни остварувања за Република Македонија во областа на културата и уметноста; наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за долгогодишни високи остварувања во областа на сликарството, за 2017 година; наградата за сликарство на изложбата „Мал формат“ на ДЛУМ во 2018 година и во 2022 година, плакетата за животно дело од здружението „Мост“ – Струмица.