Околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка, со што се доведени во прашање нивното донесување и реализацијата на капиталните инвестиции. Измените на Законот за урбанистичко планирање, како што информираат од Министерството за транспорт, се предлагаат за надминување на ваквата состојба.
Измените, наведува Министерството, се исклучиво во интерес на граѓаните и на општините – за поефикасна реализација на капиталните проекти и за придвижување на економијата во целина. Ќе ја олеснат изградбата на училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи преку поедноставување на постапките за донесување урбанистички планови.
– Поради бројните проблеми со кои се соочуваа граѓаните и општините при носењето урбанистички планови, каде што јавниот интерес беше подеднакво третиран со приватниот интерес и често пати беше заложник на приватните интереси, со измените на Законот за прв пат во државава го ставаме јавниот интерес во прв план. Основната цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесувањето на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес, односно за изградба на градинки, училишта, болници и на други објекти од социјалната и од здравствената заштита, како и катни гаражи, со цел решавање на сообраќајниот хаос. Со донесувањето на овој закон, ќе се поедностави постапката за реализација на капиталните проекти во државата, а општините ќе можат во целост да ги реализираат планираните развојни буџети, со што директно ќе се влијае врз локалниот економски развој – истакнуваат од Министерството.
Како што се нагласува, недозволиво е поради немање адекватна правна рамка, општините и државата да не се во можност да ги реализираат своите развојни програми и реализацијата на капиталните проекти да трае со години, дури и со децении.
– Во тој контекст, би сакале да потенцираме дека се заглавени околу 600 урбанистички планови во постапка, со што се доведени во прашање нивното донесување и реализацијата на капиталните инвестиции. Исто така, би сакале да потенцираме дека сосема погрешно се интерпретира во јавноста одредбата каде што се вели дека се брише можноста да се донесе урбанистички план без согласност од Министерството за транспорт. Вистината е обратна. Се укинува правото „молчењето е одобрување”, а секое дивеење подлежи на најголеми казни за злоупотреба на службената должност – нагласуваат од Министерството.
Додава и дека, поради неколку потврдени примери на дивеење на одредени општини, со предложеното законско решение, целта е токму да се зајакне улогата на Министерството како контролен механизам во процесот и да се стави ред, а законите да важат подеднакво за сите граѓани.
– Со измените е невозможно да се донесе план без согласност од Министерството за транспорт. Исто така, Министерството може да го враќа на доработка секој план сè додека е потребно, во секоја фаза од постапката. Така се спречува дивеење – потенцираат од Министерството.