Со енергија од сонцето се цртаат урбанистички планови во Кавадарци

86

​Со енергија од сонцето се цртаат урбанистички планови во Кавадарци. Проектантското биро на Трајче Грков веќе неколку години се храни со електрична енергија од сончевите зраци. Архитектот со долгогодишно искуство во својата работа, за МИА откри дека маката го натерала да се одлучи да инсталира фотоволтна централа на својата куќа, во чие приземје се наоѓа и бирото, во кое се проектираат планови за Кавадарци, но и други места.

-Работиме доста со компјутерска техника и во минатото имавме повеќегодишен проблем со честото паѓање на напонот на струјата, но и со преголем напон. Тоа беше многу лошо за нашата опрема. Баравме начин како да се заштитиме од промената на напонот на струјата, иако и дотогаш имавме своевидна заштита на секој компјутер, која за жал не беше трајна. Имајќи во предвид дека еден таков уред за стабилизирање на напонот е многу скап, а и тој користи струја, со сознанија дека има опрема што може да произведува струја од сонцето, а истовремено претставува и уред за заштита и пеглање на напонот, се одлучивме да поставиме една фотоволтна централа што ќе произведува струја, а истовремено ќе ја штити опремата, раскажа тој.

​Поволно било тоа што инвестицијата била на рати, па опремата ја обезбедиле релаксирано. Кога има сонце, централата од десет киловати им ја покрива целата потрошувачка.

-Ни ги покрива потребите во канцелариите каде имаме околу осум компјутери и друга опрема. Значи ние со работата користиме околу 6.5 киловати, кога сите апарати ни работат истовремено. Директно ја примаат енергијата од сонцето. Вишокот енергија се акумулира во акумулаторите. Тоа прави да биде поудобно работењето. Откако ја набавивме таа опрема, немаме проблеми во работењето со преголемиот или помалиот напон во струјата. Пред неколку години кога мака мачевме со напонот, ни се случи, најверојатно поради некоја работа во трафостаница, ни изгоре голем дел од опремата. Во сегашни услови, би изгорел уредот за заштита можеби, но опремата нема да се оштети. Ете токму тоа не натера на вакво нешто, нагласи Грков.

Појасни дека опремата не е од врвно западногерманско потекло на пример, кинеска е, но тие се задоволни од квалитетот за парите што ги вложиле. Редовно ја одржуваат опремата. Засега, се се одвива како што треба. Тоа што го нема од сонцето, се надополнува од електроенергетската мрежа, бидејќи опремата е поврзана на градскиот систем за електрична енергија. Така е еве веќе четири години. Кога има сонце, се произведува најмногу енергија. Кога е облачно, се произведува многу помалку. Колку штедат, гледаат преку плаќањето на електрична енергија.

​Има и за да продаваат струја, но се уште велат законите не се такви, за да можат да ја реализираат и таа можност.

-На запад, на пример, сите кои имаат ваква опрема воопшто не ја акумулираат струјата, туку вишокот го пуштаат во колективната електрична мрежа и го користат другите. Месечно, им се наплаќа само струјата која ја користеле од мрежата, а не и таа што самите ја произвеле. Очекуваме тоа да профункционира и кај нас. Секој вишок на струја што го искористиле други, да им се плаќа на тие што го произвеле со фотоволтна централа, рече Грков.

​Опремата е околу пет илјади евра. Половина од енергијата која им е потребна во текот на годината, успеваат да си ја произведат самите. Убаво е кога би можеле и да го продадат вишокот што го произведуваат. Во тој случај, би плаќале само околу триесет проценти од потрошената енергија. Тогаш заштедата би била седумдесет процентна. Сега, кога ќе се наполнат акумулаторите, а нема кој да ја потроши вишокот енергија од сонцето, таа се губи, нема каде да оди. Ако ја презема мрежата, заштедата на Грков би била поголема.

​Ем штедат, ем го имаат потребниот напон. Тоа им бил главниот мотив и придобивката. Заштеда на електрична енергија и помали сметки, а и заштита од преголем напон во струјата. Сега опремата во која има важни проекти, е заштитена.

-Тоа ни беше главното од кое почнавме, за да дојдеме до вакво решение, фотоволтна централа. Задоволни сме од инвестицијата и им препорачуваме на сите кои можат да инвестираат во ваква централа, да го сторат тоа. Тука морам да ја споменам и придобивката за околината, бидејќи со користење на обновлива енергија се придонесува за чиста и здрава животна средина. А тоа е многу важно, особено во овој период, кога е интензивната борба против загадувањето на воздухот при користење на некои други средства за греење, дециден беше Грков.

И додека некои тиквешани ја разгледуваат можноста и самите да ја користат енергијата од сонцето, има и такви кои зачудено прашуваат што се тие црни огледала, врз куќата до противпожарната станица во Кавадарци.

Светлана Дарудова