Со денар горе-два долу не се качува стандардот, туку со повисоки плати!

Најважното што, според мене, треба сите да го сфатат, вклучувајќи ги и граѓаните и Владата, е дека единствен начин за да се подобри животниот стандард на луѓето во оваа криза на поскапувања е преку зголемување на платите. Цените нема никогаш да се вратат на нивото од пред две години, единствено што може е платите да пораснат доволно за да се врати куповната моќ на тоа исто ниво. Граѓаните мора постојано да бараат покачување на платите и на пензиите, а Владата мора да покаже разбирање за барањата. И како што можеше да ги зголеми своите плати за 78 отсто, истото може да го направи и за другите – изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ

760

Намалувањето на производите од денар-два е само изговор на власта дека се грижи за народот. Освен тоа што граѓаните не живеат подобро со тоа што Владата им ги намали цените за два-три денари, големи загуби трпат и производствените компании, сметаат економските експерти. Дека инфлацијата не е увезена, туку е резултат на лошите мерки на Владата за справување со неа и на високите маржи, неодамна укажа и Светска банка, која во последниот извештај ја рангира македонската економија како најлоша во регионот. Од Синдикатот велат дека мерките на Владата немаат ефект врз домашниот буџет, бидејќи месечните заштеди на едно семејство, како резултат на мерките, изнесуваат само 100-200 денари.

– За жал, овие мерки не може драстично да го подобрат животниот стандард на граѓаните. Само со замрзнување на цените не може да се постигне ефектот што го посакува Владата. Со овие мерки, власта само им наштети на компаниите и ја наруши слободната пазарна економија. Не може во слободна пазарна економија државата да им каже на приватните компании колку да ги продаваат пиперките, доматите… Мешањето во политиката на цени на компаниите може да доведе до губење на одреден број работни места – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Тој додава дека лошо е тоа што Владата мисли дека мерката замрзнати цени им помага на граѓаните, но граѓаните не мислат така.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека мерката замрзнати цени нема да направи луѓето да живеат подобро, туку за да се случи тоа, треба да се зголемат платите.

– Најважното што, според мене, треба сите да го сфатат, вклучувајќи ги и граѓаните и Владата, е дека единствен начин за да се подобри животниот стандард на луѓето во оваа криза на поскапувања е преку зголемување на платите. Цените нема никогаш да се вратат на нивото од пред две години, единствено што може е платите да пораснат доволно за да се врати куповната моќ на тоа исто ниво. Граѓаните мора постојано да бараат покачување на платите и на пензиите, а Владата мора да покаже разбирање за барањата. И како што можеше да ги зголеми своите плати за 78 отсто, истото може да го направи и за другите – изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.

Според него, замрзнувањето на цените на основните производи може само да спречи вртоглав раст на цените, ама не и да ги намали значајно. Тоа се гледа веќе и од официјалните податоци на Заводот за статистика, кои покажуваат дека цените во Македонија во септември, по последното замрзнување на Владата, не се намалиле во однос на претходниот месец, туку само останале на истото ниво, поточно имаат дури и мал раст, од 0,1 отсто.

– Дури и овој ефект на зауздување на инфлацијата може да биде краткорочен ако Владата пребрзо ги одмрзне цените. Ова, впрочем, и го видовме во два наврата во изминатата година и пол, кога фирмите ги креваа цените до плафон, по одмрзнувањето од страна на Владата. Затоа е многу важно замрзнувањето да биде на сила што е можно подолго, додека инфлацијата не се сведе на ниво од 3 до 4 отсто – смета Јовановиќ.

Тој додава дека огромна грешка на Владата е што паралелно со замрзнувањето на цените на едни производи, ги зголемува цените на други, преку повисокото ДДВ и ја покачува цената на парното греење, а не смеела да го направи тоа.

Економистите сметаат дека Македонија и натаму ќе се бори со висока инфлација, која само ќе им ги јаде парите на граѓаните. Алармираат дека ако сега и веднаш реално не се зголемат платите, македонската економија само ќе тоне.

И граѓаните ја лоцираат вината за растот на инфлацијата првенствено кај Владата, а потоа во глoбалните предизвици и приватниот сектор, односно производителите и маркетите. Според нив, најголем удар врз семејниот буџет се поскапувањата на прехранбените производи.

(А.С.)