Со групна набавка на струја, Општина Центар ќе заштеди 10 милиони денари

237

Општина Центар спроведе постапка за групна набавка на електрична енергија за нејзината територија. Оттаму информираат дека во групната набавка спаѓа потрошувачката на електрична енергија на општината, вклучувајќи го и уличното осветлување, сите детски градинки, основни училишта, но и јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

Општинските власти велат дека постапката за групна набавка на електрична енергија  е спроведена во согласност со Законот за енергетика и Законот за јавни набавки.

– Со измените на Законот за енергетика дозволена е либерализација на пазарот за набавка на електрична енергија. Ние ги собравме сите градинки, училишта за да најавиме дека имаме потреба од поголема количина на електрична енергија за да добиеме подобра цена. Тендерот заврши, а веќе и склучивме договор со најповолниот понудувач – изјави за весникот ВЕЧЕР, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Вредноста на склучениот договор е 26 милиони денари со вклучен ДДВ.

Oд Општината појаснија дека по одржаната електронска аукција во која учествувале шест понудувачи, основните училишта, детските градинки и ЈП ПОЦ во Општина Центар, ќе набавуваат електричната енергија по цена од 3.754 денари за мегават-час односно 3,75 денари за киловат-час во висока тарифа (ВТ), односно за околу 25 отсто поевтина цена од досегашната.

Дополнително, во ниска тарифа (НТ) електричната енергија ќе се набавува по цена од 2.469 денари за мегават-час, односно 2,46 денари за киловат-час, односно за повеќе од 50 отсто поевтина цена од досегашната.

Градоначалникот Богдановиќ истакна дека според нивните проценки со вака стратешки спроведена постапка за јавна набавка, општината на годишно ниво ќе заштеди повеќе од 10 милиони денари, без дополнителни заштеди на училиштата, градинките и ЈП „ПОЦ“.

– Со ова покажуваме дека максимално работиме во интерес на граѓаните. Работиме домаќински и штедливо, а овие финансиски заштеди повторно ќе ги намениме за граѓаните на Центар, овозможувајќи им ги најдобрите услови за живот и престој во општина Центар – потенцира Богдановиќ.

(А.П.)