Со исконскиот звук на гајдата во изведба на д-р Драган Даутовски, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, вчера, од страна на Министерството за култура и апликантите, официјално беше презентирано впишувањето на нематеријалното културно добро „Традиционалната изработка и свирење на гајда“ на Репрезентативната листа на УНЕСКО .
„Впишувањето на шестото нематеријално културно добро на листата на УНЕСКО е уште еден културно-дипломатски успех на земјата на меѓународен план. Со тоа македонската гајда од 5 декември е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Х’дрлез“, „Мартинките“ и „Гласоечко“. Ова е еден многу важен момент за македонската култура бидејќи по седум години пауза повторно сме дел од големото семејство на УНЕСКО во кое Македонија членува од 1993 година“, посочи Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Тој додаде дека од вкупниот број на впишани нематеријални добра две се заеднички со Република Турција. Тоа се пролетните празнувања на турската заедница од Југоисточна Македонија, Х’дерлез впишан во 2017 и годишнава за гајда, во која тие партиципираа со нивен тип на гајда познат како тулум.
„Гајда со нејзиниот уникатен звук е симбол на нашиот идентитет, на нашите корени на нашата традиција, и звучен архетип на македонската душа. Таа не е само инструмент, туку е приказна која се пренесува низ генерациите, која обединува, инспирира и ја слави нашата културна посебност. Тоа што ова културно богатство се најде на листата на УНЕСКО не е само успех за гајдата, туку за целата македонска култура. Ова е потсетник на моќта на традициите да ги обединат луѓето и да создадат нови мостови на соработка и разбирање. Затоа се заблагодарувам на мешовитиот тим од двете земји кои повеќе од две годни посветено работеа на апликацијата и придонесе за ова достигнување, како и на мајсторите кои ја изработуваат гајдата и уметниците кои го оживуваат нејзиниот звук и истражувачите кои на крај го документираа ова наше богатство“, додаде Љутков.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство, Весела Честоева, пак, посочи дека гајдата е впишана помеѓу репрезантативните елементи на светската културна мапа каде што се јапонското саке, унгарскиот чардаш, босанската севдалинка, кинеската нова година… кои годинава исто така беа впишани на листата на УНЕСКО.
„Меѓу илјада претставници од 188 земји нашата држава заедно со Република Турција покажа како заедничката тимска работа меѓу практичарите, во случајот свирачите на гајда, науката и дипломатијата може да вроди со плод со кој државата ќе се гордее. Во традиционалната култура на Македонците гајдата бил музички инструмент на обичните луѓе, а денес кога свирењето на гајда се изучува на два универзитета во Штип и Скопје можеме да бидеме задоволни од патот кој таа го изминала. Македонската гајда, благодарение на неколкумина професионални музичари од Народниот оркестар на Македонската радио и телевизија и од Ансамбл Танец, преку семинарите од меѓународен карактер, го проширија значењето и вештината на свирење македонска гајда на три континенти. Денес ќе најдете нејзини поклоници и на американско, и на европско, и на австралиско тло. Таа стана и студиски музички инструмент, кој е дел не само од фолклорната музичка сцена, но и од поп, рок и другите жанрови. Со впишувањето во УНЕСКО македонската гајда добива на својата видливост на светската сцена, ја подига свеста за нашата македонска посебност и пред сè, ги отвора портите за уметничка размена со еден широк пункт на култури кои имаат слични музички инструменти, а кои се веќе вмрежени во Светската федерација на гајдаџии“, посочи Честоева.
Советникот за култура и информации во турската Амбасада, Махир Енес Оздемир, успехот значи не само промовирање на културите на двете земји, туку е и чекор кон зајакнување на културните врски меѓу двете земји.
„Турските елементи впишани во списокот на културно наследство на УНЕСКО се искачија на 31, со што Турција е рангирана на второ место на ранг-листата на земји со запишано културно наследство во УНЕСКО. Турското Министерство за култура и туризам има за цел да придонесе кон мирот, меѓукултурниот дијалог, почит на културната разноликост и подигнување на меѓусебното разбирање на соседите. Четиринаесет елементи на културно наследство, од вкупните 31, се регистрирани како мултинационални елементи и ова претставува значаен доказ за успешната соработка со земјите со кои делиме заеднички вредности“, додаде Оздемир. (Д.Т.) Фото: П. Стојановски