Багери копаат дупки на места во Арачиново и Сингелиќ каде што полицијата се сомнева дека криминалната група Беланоца-Барон криела пари и оружје. Во полициската акција помага и Армијата, која и во следните денови ќе продолжи со претресите за собирање на доказен материјал против осомничените. Кривичниот суд им определи мерка притвор на четворица од уапсените, а за петмина кои се во бегство притворот ќе им се активира и ќе одат зад решетки кога ќе бидат пронајдени од органите за прогон. Мерка за поголемо обезбедување судот побара и за Фатљум Ајети Тоте, водач на бандата, кој во моментот издржува затворска казна во затворот „Идризово“ од каде што пак командувал и давал наредби за лица за отстрел. Полициската акција за уривање на озлогласената Беланоца, се случи поарно од предвиденото бидејќи полициски доушници почнале да се јавуваат и да одаваат информации, обелодени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и најави дека МВР против нив ќе се бори со иста мера како со криминалците.
„За криминалните банди нема место во нашата држава, со оваа акција и со тие што следуваат најавуваме бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, одлучен е Тошковски.
Полицијата при претресите заплени оружје, накит, речиси половина милион евра, 5 возила, рачни часовници – луксузот во кој живееле скопските „донови“, доаѓал од многу извршени убиства, дел платени дел од одмазда и заради преземање на наркопазарот, понатаму заплашувања и рекет. Групирањата и прегрупирањата, според полициските информации за групата Беланоца-Барон, почнале од 2021 година, кога настанало спојувањето на криминалните банди. Во хиерархиски организираниот клан, точно се знаело кој убива, кој купува возила, кој следи луѓе. Како групата растела и моќно зајакнувала, се создавале нови кланови кои имале за функција да спроведуваат класичен рекет на обложувалници, дуќани. Оние кои нема да прифатат „обезбедување“, нивниот објект следниот дел го наоѓале запален и пораката била јасна, месечен данок за мир во соседството. Полициската пријава за злосторничкото здружување опфаќа вкупно 18, многу од нив се во бегство од претходно. За лидер на групата е наведен Тоте, кој издржува затворска казна, некои од членовите веќе се убиени од нивните ривали во подземјето од бандата Грчец-Дуќанџик. И шефот и неговите помошници ги воделе операциите од ќелија, а за „непослушните“ чувари од затворската полиција следела наредба за палење на нивните возила. Туши веќе е обвинет за убиството на Орхан Бајрами-Оки, кое се случи минатата година во Ханиоти, во Грција. Групата сега е осомничена дека стои зад многу повеќе убиства кои ги плаќале со десетици илјадници евра, меѓу нив се вбројува злосторството во „Шиша бар“.
„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобѕирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност, соопштија од Обвинителството за организиран криминал
Ривалитетот во скопско подземје почнува од пред 15 години со првата поделба на криминални групи од кога почнува да се полни „црната хроника“ со инциденти, убиства, фрлени бомби, запалени возила и одмазди меѓу поделените кланови. Пресметките се заострија последниве години а веќе во јавноста беа познати имињата на криминалните групи Дуќанџик, Грчец, Беланоца, Барон, кои главно го контролираат наркопазарот. Членови преминувале од една во друга група, а некои од клановите останувале без водач па коалицирале со други. (П.А)