Интервју, Зоран Заев: Со аргументи ќе му докажам на Макрон дека згрешил

Во Брисел ни беше направена голема неправда. Европската Унија не го испорача тоа што ни го вети. Сочувствувам со гневот и тегобноста на граѓаните.И јас сум разочаран и лут, и знам дека целиот наш народ така се чувствува. По разочарувањето во Брисел никој од министрите не ми понудил оставка, немаше потреба за тоа

780
фото: П.Стојановски

Имаме аргументи за да види претседателот Макрон дека предлогот„методологија пред проширување“ може да се трансформира во „проширување заедно со промена на методологијата“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, премиерот Зоран Заев. Тој  зборува за перспективите на земјава во наредниот период, шансите да се исправи грешката од Брисел, за најголемата корупциска афера РЕКЕТ, како и за претстојните парламентарни избори. Оптимист е дека коалицијата која тој ја предводи ќе победи и на овие избори и бара чист мандат за реализација на ветеното. На коалициониот партнер Али Ахмети, вели дека не му ветил ништо, а одлуката за избори не ја донел лично туку во консултација со партијата и министрите во Владата

Се вративте од Брисел пред да ја слушнете конечната одлука за Македонија. Какви чувства имавте во моментот кога Ви соопштија дека, дефинитивно, нема датум за Македонија?

Во Брисел ни беше направена голема неправда. Европската Унија не го испорача тоа што ни го вети.

Ние направивме сѐ што требаше и сѐ што можевме. Ги завршивме сите наши обврски. Испорачавме резултати во реформите, ги решивме споровите со соседите. Тоа е запишано и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја за оваа година, и во двете препораки за старт на преговори на Европскиот совет. За жал, тие не си останаа на зборот и не испорачаа.

Некои наши граѓани носат и такво чувство – дека се излажани. ЕУ со тоа треба да се соочи. Факт е дека ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огромна огорченост. Сочувствувам со гневот и тегобноста на граѓаните. И јас сум разочаран и лут, и знам дека целиот наш народ така се чувствува.

И во оваа пригода сакам јавно да се заблагодарам на огромното мнозинство европски лидери кои се бореа за да се донесе позитивна одлука за нас.

Ве прашувам како човек и Македонец, пред сè, зажаливте ли за момент за промената на името, верувајќи ѝ на ЕУ дека ќе има датум за нас?

Ништо не е променето во однос на остварувањето на двете стратешки цели заради кои во Парламентот беа направени уставните измени за промена на името – членството во ЕУ и НАТО. Уште само четири земји треба да го ратификуваат Протоколот за пристапување во полноправно членство на Северна Македонија во НАТО.

Во Лондон на 3 и 4 декември ќе се одржи Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО. Северна Македонија ќе учествува како поканета, идна 30-та земја членка на Алијансата. Ние и сега, на ниво на министри за одбрана и надворешни работи, седиме во највисоките тела на НАТО, учествуваме во нивната работа, само без право на одлучување. Но, тоа е сега само прашање на денови и месеци. Ова немаше да биде можно без Договорот од Преспа. НАТО, безбедноста, стабилноста и сигурноста кои ги добиваме немаше да бидат можни без Договорот од Преспа.

Од овој процес имаме и други огромни придобивки, како поттик на нови странски инвестиции, зголемена регионална соработка и трговска размена…Процесот за пристапување за членство во ЕУ не е затворен туку само одложен.

Решивме децениски проблеми со соседите. До 2017 година евроинтеграцискиот процес беше тотално блокиран.Нема земја членка на ЕУ која не ни оддаде признание за сите постигнати реформи и услови за овие две години.

Со Грција имавме билатерално прашање, ама со регионални и мултилатерални импликации, и за жал познато во целиот свет како тежок и закоравен проблем.

Денес имаме само придонеси од решениот спор. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН со потврден и зајакнат идентитет. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, и за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Македонци сме, потврдени и признаени. Сега имаме исклучително добри односи со Грција. Билатералната соработка е подобрена. Грција е нашиот нов стратешки партнер  и поддржувач. Нивната Влада изрази поддршка за нашето членство во ЕУ и загриженост заради неодобрувањето старт за преговори.

За жал, некои земји членки во последен момент одбија да ги прифатат одлуките на нивните претставници во институциите на ЕУ.

Освен тоа, политиките што ги застапуваме и реформите што ги донесовме и што ги имплементираме не ги правевме само и исклучиво за членството во ЕУ и НАТО.

По неуспехот, рековте дека сте ги разгледувале сите опции, па дури и да поднесете оставка. Кој Ве премисли во намерата? Дали можеби ветувањето од Ангела Меркел дека ќе добиете поддршка за уште еден мандат, како компензација од ЕУ за неисполнување на ветеното?

Ниту има такво ветување, ниту нешто може да го компензира или да биде алтернатива за нашето членство во ЕУ. Тој процес не е затворен, ние ќе продолжиме на тој пат и ќе го изодиме со успех.

Не верувам дека проширувањето на ЕУ ќе запре. Ниту една земја членка на ЕУ не се сомнева дека процесот на проширување е завршен. Напротив, веднаш дојдоа реакциите и одобрувањата дека местото на земјите од Западен Балкан им е во ЕУ.

ЕУ ќе најде начин да си ги решава своите нерешени внатрешни работи. Тоа е нивна работа, таа одлука ние не можеме да ја промениме.

Она што се очекува од таа дебата е да не ги порекне сопствените ветувања и политики во однос на проширувањето со нови членки. На тоа ја обврзуваат серија заклучоци и декларации од Самитот во Солун, во 2003 година, до најново време.

Она што се очекува е да се преиспитаат залагањата за менување на правилата сред игра зашто тоа прави големи штети и ризици.Ние внимателно ќе ја следиме таа дебата и ќе даваме конструктивен придонес и сериозни аргументи.

Но, ние самите сме одговорни за сопствените одлуки што ги носиме за нашите граѓани и за македонската иднина. Преку нашите одлуки и иницијативи ќе ја донесеме Европа тука, ќе ги зајакнеме реформите за да ја доразвиеме економијата, сигурноста и социјалниот мир.

Ви понуди ли некој од министрите оставка по разочарувањето во Брисел?

Не, немаше потреба. Сите што работеа на прашањето на нашите евроатлантски интеграции беа на највисоко рамниште во спроведувањето на обврските, задачите за остварување на тие наши стратешки интереси.

  • Макрон најави посета на Македонија. Што ќе му кажете кога во следната пригода ќе имате можност да разговарате со него?
Имаме аргументи за да види претседателот Макрон дека предлогот„методологија пред проширување“ може да се трансформира во „проширување заедно со промена на методологијата“.

Ние имаме аргументи да укажеме дека одлуката да не ни биде даден старт за преговори е историска грешка и дека е доведено во прашање проширувањето како инструмент од исклучително значење за вградување и живот на европските вредности во земјите што природно им припаѓаат на Европската Унија.

Ние не сме само стратешки интерес, ние сме Европа.

Имаме аргументи за да види претседателот Макрон дека предлогот„методологија пред проширување“ може да се трансформира во „проширување заедно со промена на методологијата“.

Ние ќе поминеме сигурно одреден број години во процесот на преговори по поглавја. Тоа значи дека ќе станеме полноправна членка на ЕУ откако целосно ќе се реформираме внатре, а за тоа ќе ни помогне пристапниот процес и затворањето на поглавјата.

  • Имаме ли план Б или алтернатива за ЕУ? Има ли Македонија други можности, ќе решаваме сами за себе како вистинска држава или ќе се препуштиме во милост и немилост на ЕУ консензусот?

Нема алтернатива за членство во ЕУ и НАТО. Со патот што го избравме, за кој добивме одобрување од граѓаните, остваруваме голем сон – стануваме членка на НАТО.

Тој процес ништо нема да го запре и нема да дозволиме да биде запрен.

Патот што го избравме ќе донесе остварување на уште еден – ќе си ја направиме земјата европска.

Македонскиот сон е Европа и тие вредности ги градиме во својата земја – можеме да ја донесеме Европа во Северна Македонија.

Тоа се суверени одлуки на нашата држава и затоа повикав да продолжиме уште посилно. Сите заедно.

Двојно повеќе да работиме, двојно повеќе да направиме. Да сме двојно подобри.

Промените и реформите не ги носеше и не ги носи една влада, или 20 луѓе. Потребни сме сите за уште повеќе да се реформираме. Сите два милиона.

За да нема загадување, да престанеме да загадуваме. За да нема корупција, да се спротиставиме на митото и поткупот. За да не си одат младите, да отвораме работни места, да обезбедиме повисоки плати.

И покажавме дека можеме и дека создадовме политики кои го обезбедуваат тоа. Сега бараме чист мандат за граѓаните да ги соберат плодовите.

Да обезбедиме континуитет на процесот со кој земјата ја правиме европска.

Во меѓувреме, Европската Унија ништо не ја спречува да ги отвори поглавјата со нашата земја и низ процесот на нивното затворање да ја дебатира и усовршува методологијата  без таа да му наштети на проширувањето.

  • Мислите ли дека и последните случувања со „Рекет“ имаа влијание врз одлуката? Гајсер не престанува со обвинувањата за Ваша наводна вмешаност во најголемата корупциска афера?

Северна Македонија се докажува како правна држава, како земја во која владее правото.

Тоа им го должиме на граѓаните, и тоа ќе им го испорачаме.

Ние покажавме дека никој не е привилегиран и дека никој нема да биде ослободен од одговорност. Сите се еднакви пред правдата. Ги охрабруваме институциите да ги продолжат овие процеси до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне.

Создаваме и јакнеме темелно поставен институционален систем за гонење и за судска разрешница на сите случаи, вклучувајќи ги оние што се преземени од СЈО.

Опструкциите што ги правеше најголемата опозициска партија со одлагање, а потоа и со блокирање на законските измени за реформите во правосудството го забавија и создавањето на независни правосудни институции, вклучувајќи го и јавно обвинителство и другите институции во системот за истрага и поддршка.

Единствено од што се раководеа беше да ги запрат процесите за правна држава, и да се противат на владеењето на правото.

Изгледате прилично убеден дека истата коалиција ќе биде фаворит и на следните парламентарни избори. Од каде Ви е таа самодоверба, сега кога евроскептицизмот е уште поголем од неисполнетото предизборно ветување?

Тоа што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не прифатија избори во декември кажува дека се плашат од граѓаните, знаат дека ги чека нов пораз.

Купуваат време во обид да капитализираат од лошата вест и Брисел, зашто друго немаат. Во изминатите две години ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа единствените што работеа против рефромите, против напредокот, против интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Единствените кои прават сè за да профитираат од историската грешка на Самитот во Брисел се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Оние кои 11 години ја држеа земјата во изолација, далеку од демократскиот свет.

За две години ВМРО-ДПМНЕ не понуди ниту една идеја, нема програма, ниту визија.

Јасно е дека политиките и остварувањата на СДСМ се фаворити на изборите на 12 април.

Јованка Царулеска- Груевска

(Целосното интервју со премиерот Зоран Заев прочитајте го во утрешниот број на весникот ВЕЧЕР)