„Мини танцовиот фестивал насловен ‘Creadance Dance’, кој е во организација на Факултетот за музичка уметност, е презентација на студентите во делот на танцовата изведба со опфат и на нашите алумни. Конципиран е во два изведувачки блока, каде првата вечер се презентира современиот танц и нова контемпорална естетика и вториот сегмент кој има доминантно класична балетска програма. Круна на целиот фестивал е настапот на нашиот реномиран балетски играч Марко Мицов и неговата партнерка Маризе Фумеро од Милвоки балет компанијата од САД. Ова е првпат Мицов од неговото заминување во САД пред 12 години да настапи пред домашната публика што за нас претставува огромна чест и привилегија“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Соња Здравкова-Џепароска, професорка на Катедрата за балетска педагогија при ФМУ

Кои се активностите на Факултетот за музичка уметност периодов?

Морам да истакнам дека Факултетот за музичка уметност по присилната хибернација која ја имавме во периодот на ковид-пандемијата интензивно работи, а јуни е исполнет со настапи. ФМУ заедно со Филхармонија имаше извонреден концерт под диригентската палка на проф. Сашо Татарчевски. Следи подготовка за отворање на „Скопско лето“ каде ќе настапат студентите од повеќе класи раководени од професорите кои ги подготвија инструменталните состави и хорот -Сашо Татарчевски и Борјан Цанев. Освен тоа, ќе се одржи и традиционалниот концерт „Коста Трпков“ со учество на идните оперски пејачи.

Концерт по повод патронатот на ФМУ

ФМУ во моментов интензивно подготвува и мини танцов фестивал чие прво издание треба да се одржи на 20 и 24 јуни. Чија беше идејата за фестивалот, кој е неговиот концепт и дали покрај студентите по танц од ФМУ ќе настапи уште некој?

Што се однесува до мини танцовиот фестивал насловен „Creadance Dance“, тој настана на иницијатива на кративниот тим кој го раководи факултетот, пред сè би ја издвоила деканката Дарија Андовска од која потекна базичната идеја. Самиот концепт на „Creadance Dance“ е презентација на студентите во делот на танцовата изведба со опфат и на нашите алумни. Освен тоа, на него ќе се презентираат и идните студенти, учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Особено сакам да издвојам дека овогодинешната програма вклучува специјални гости кои имаат забележителна кариера поврзана со светските балетски сцени. „Creadance Dance“ е конципиран во два изведувачки блока, каде првата вечер се презентира современиот танц и нова контемпорална естетика и вториот сегмент кој има доминантно класична балетска програма.

Кажете ми нешто повеќе за фестивалската програма?

Бојан Мицев, фото Oliver Look

Настаните се одржуваат во Националната опера и балет и тие се наши партнери во реализација на фестивалот. Првата вечер е на 20 јуни, на малата сцена со почеток од 19.30 часот. Ќе настапат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ под менторство на Елена Антонова Петровиќ. Централниот дел е издвоен за студентите од сите насоки подготвени од проф. Искра Шукарова. Ќе биде изведена премиерна изведба подготвена ексклузивно за овој настап. Како завршница на оваа програма, публиката ќе може да го проследи дуетот во кореографија и изведба на нашиот поранешен студент Бојан Мицев и неговата партнерка Амбре Твардовски со која се дел од Оснабрук танцовата компанија во Германија. Втората фестивалска вечер ќе имаме класична програма каде ќе настапат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од средното училиште. Повторно, како централен носечки сегмент е настапот на студентите подготвени од проф. Александра Мијалкова и од мене, Соња Здравкова Џепароска. Ќе бидат изведени фрагменти од балетите „Дон Кихот“, „Бајадерка“, „Лауренсија“, „Корсар“ и др. Како гостинка на вечерта е поканета Христина Наќевска поранешна студентка на Катедрата за балетска педагогија, солистка на НОБ.

Дали имате ексклузивни гости на фестивалот кои најмногу ќе ја заинтригираат публиката?

Марко Мицов, фото Nathaniel Davauer

Сите оние поканети гости, професионални изведувачи се ексклузивни. Но морам да истакнам дека круна на целиот фестивал е настапот на нашиот реномиран балетски играч Марко Мицов и неговата партнерка Маризе Фумеро од Милвоки балет компанијата од САД. Ова е првпат Мицов од неговото заминување во САД пред 12 години да настапи пред домашната публика што за нас претставува огромна чест и привилегија. На овој начин ќе се воспостави своевиден мост помеѓу американската и македонската танцова сцена. Изборот на двете вечери нуди разновидна програма со исклучителен состав на исполнители.

Маризе Фумеро, фото: Timothy O’Donnell

Со чија поддршка се реализира фестивалот, дали размислувате да прерасне во традиционален и кои се вашите очекувања за во иднина?

Мини фестивалот е поддржан од Министерството за култура кое го препозна значењето на една ваква манифестација. Фестивалот ќе прерасне во традиционален настан кој се надевам ќе стане заштитен знак на активностите на Факултетот во делот на танцовата уметност. (Н.И.Т.)