„Дали знаете како е да си жена во Македонија? Жена во 21-от век во кој сите права ни се доделени, но и одземени во исто време. Еве вака: ние сме оние кои шетаме со солзавци во ташните поминувајќи ја неосветлената тесна уличка оти се плашиме да не бидеме нападнати“. Ова е само мал дел од моќниот, победнички говор на на студентката по новинарство Софија Бислимоски на Ораторската вечер „Иво Пухан“. Облечена во бела кошула со испишани збор-пораки, младата студентка преку “Во штиклите на македонската жена“ повика на емпатија, акција и размислување за тоа како би изгледал светот ако жените се почитувани и вреднувани како столбови на општеството. Таа ја истакна суровата реалност на жените во Македонија, обележана од страв, дискриминација и недостаток на основни права. Преку примери на менструална сиромаштија, институционални пропусти и семејно насилство, ја осуди рамнодушноста на општеството за женските права.
„Секоја една жена треба да ја гледате како ваша мајка. Затоа, ценете ги. Бидејќи, што ќе правевте ако светот беше направен од жена? Кому ќе му се молевте ако Господ беше жена?“, поентираше на крајот од студентката Бислимоски и ги собра сите симпатии и поддршка како од своите студенти колеги, така и од стручното жири кое покрај првото место ја закити и со Наградата за најдобар сценски настап „Бранко Ѓорчев“.
Студентката Софија Бислимоски, запишана во втора година на студии по новинарство, од неодамна е на практична работа во весникот ВЕЧЕР каде исто така се истакнува со идеи и желба за професионална надградба.
Покровителка на ораторската вечер е македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која истакна дека љубителите на убавиот збор слушнаа 10 одлични оратори, осум студентки и двајца студенти кои со нивните критички согледувања и пораки на различни теми будат, освесуваат, насочуваат, засрамуваат, вознемируваат, замислуваат, загрижуваат, шокираат.