Состојбата со КОВИД-19 во 2022 година делумно се стабилизираше, треба да се следи циркулацијата на вирусот

61

Почетокот на 2022 година започна со околу 5.000 активни случаи на коронавирусот во земјава и доминација на омикрон сојот, којшто здравствените експерти го опишуваа како послаб сој за разлика од претходните. Светската здравствена организација процени дека до март 2022 година речиси 90 проценти од светската популација има антитела против КОВИД-10, без разлика дали е од вакцина или прележана болест.

Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Ане Јохансен во изјава за МИА вели дека и покрај тоа што се чини дека во 2022 година состојбата со КОВИД-19 се стабилизираше, сепак секоја недела во светот се пријавуваа неприфатлив број на заразени и смртни случаи. Додаде дека клучни изолирани групи луѓе и понатаму остануваат без имунитет, а вирусот е во циркулација на нивоа што се доволно високи за заканата од наредната проблематична варијанта да е постојано присутна.

Почетокот на второто тримесечје во 2022 година донесе олеснување на мерките за заштита од вирусот, речиси во целиот свет. Во земјава, на почетокот на април беа укинати голем дел од мерките, а остана да важи задолжителното носење маска во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и згрижувачките установи.

Во текот на летниот период беше забележан глобален пад на новозаболени од КОВИД-19, а и во земјава состојбата беше стабилна. Во последните месеци од 2022 година забележан е пораст на нови случаи.

– Во европскиот регион, сметајќи од 14 декември, бројот на случаи надмина 268 милиони од почетокот на пандемијата. Поразителен е фактот што над 2,1 милион лица, за жал, починаа од КОВИД-19. Во седмицата непосредно пред 11 декември, европскиот регион беше одговорен за 29 проценти од новите случаи на глобално ниво и за 26 отсто од новите смртни случаи, повторно на глобално ниво, вели д-р Јохансен.

Зголемениот број на случаи и хоспитализации, според д-р Јохансен, веројатно се должи на комбинацијата од повеќе фактори, вклучително и постуденото време и сезонските групни прослави што се типични за крајот на годината.

Во � �оследниот месец од 2022 година, исто така се забележа зголемување на бројот на случаи на сезонски грип, што доведе до зголемен број на позитивни случаи меѓу пациентите хоспитализирани со сериозни акутни респираторни инфекции.

Со истовремената циркулација на КОВИД-19 и сезонскиот грип, здравјето на ранливите групи од населението – вклучително постарите лица, лицата со нарушен имунитет, бремените жени и новороденчињата – е под зголемен ризик.

– Мораме да продолжиме да правиме сè што е во наши раце за да ги спречиме инфекциите, да ги заштитиме ранливите и да ги подготвиме нашите здравствени системи да се справат со повеќестраната закана, апелира д-р Јохансен.

За очекувањата во новата 2023 година, вели дека не може со сигурност да се каже што ќе се случи во иднина.

– Омикрон – што ги вклучува соевите BA. 1, BA. 2, BA. 3, BA. 4, BA. 5 и резултирачките подсоеви – продолжува да биде доминантната варијанта на глобално ниво. Се очекува и натамошна еволуција на вирусот со нови варијанти, вклучително и варијанти што би биле проблематични, смета д-р Јохансен и додава дека траекторијата на оваа еволуција останува непозната, а карактеристиките на идните варијанти сè уште не може да се предвидат.

Очекува поради поминатото време во затворено во текот на зимските месеци, да се појават идни бранови на зараза предизвикани од различни подваријанти на Омикрон, па дури и различни проблематични варијанти, затоа што, колку повеќе циркулира вирусот, толку повеќе можности има да се промени.

Сепак, според нејзе, овие идни бранови на зараза не мора неизбежно да значат и идни бранови на починати, затоа што, како што вели, имаат алатки што ја превенираат заразата и тешката форма на болеста.

– За да се намали ризикот од тешката форма на болеста, задолжителна е употребата на вакцини и вакцинација, како и рана употреба на антивирусни лекови, за да се спречи припадниците на ризичните групи да развијат тешка форма на болеста што би довела до смрт, појаснува д-р Јохансен.

Претставничката на СЗО во Скопје апелира до државите повторно да започнат со напорите за ублажување на состојбата и да бидат подготвени да одговорат на зголеменото оптоварување на нивните здравствени системи.

Заклучно со 25 декември 2022 година, во Северна Македонија вакцинирани се вкупно 875.972 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 857.053 лица.

Д-р Јохансен апелираше дека примената на пет фактори на стабилизација на пандемијата ќе продолжи да биде клучна за заштита на населението – зголемено ниво на вакцинација, апликација на втора дополнителна доза на лицата со нарушен имунитет и на лицата во близок контакт со нив – и потенцијално да се понуди втора дополнителна доза на конкретни ризични групи, но не порано од три месеци по нивната последна доза. Да се поттикне носењето на маски во затворени простории и во јавниот превоз, вентилирање на преполните и јавните простори, како училиштата, канцелариите и јавниот превоз и примена на строги терапевтски протоколи за оние под ризик од тешка форма на болест.

Заклучно со 29 декември 2022 година на глобално ниво регистрирани се 663,618,946 случаи на коронавирусот, починати се 6,692,202 лица, а активни 21,205,812 случаи. Согласно последните податоци од Институтот за јавно здравје, во земјава до 25 декември активни биле 240 случаи, а  регистрирани се 9.614 смртни случаи.