Меморандум за соработка потпиша Сојузот на стопански комори на Македонија со ITC – Меѓународен центар за трговија, кој е фокусиран на решавање на техничките бариери во трговијата, усогласеноста со синџирот на снабдување, следливоста и транспарентноста на синџирите на снабдување, со фокус на „деризикување на синџирот на снабдување“.
Меморандумот, како што соопшти ССК, е потпишан на средбата што се одржа во Сојузот на стопански комори, а на која присуствуваа претседателот на ССК Трајан Ангелоски, потпретседателите Сашо Дукоски и Горан Ѓорѓиевски, Загорка Блажевска, директор на „Вита Нова“ и д-р Тристан Еванс, заменик-претседател на ITC (International Trade Council), а свое видео обраќање имаше и Џејмс Семјуел Јорк, главен извршен директор на ICTTM (The International Centar of Trade Transparency Limited )
-ITC активно развива систем фокусиран на вештачка интелигенција наречен ADAMftd („Напредна анализа на податоци и моделирање за податоци за надворешна трговија“), кој ќе користи милијарди историски и трговски податоци во реално време за да ја предвиди иднината на трговијата, а бизнисите ќе имаат пристап до податоците за клиентите и конкурентите, вклучувајќи ги платените цени, историјата на трансакциите, податоците за понудата и побарувачката и можностите за предвидување, за да одговори на овие предизвици, а по завршувањето на првата фаза од развојот на ADAMftd, ITC има намера да направи приоритетна инвестиција во Северна Македонија, се наведува во соопштението од Сојузот на стопански комори.
ITC , како што се посочува во соопштението, го препознава растечкото економско значење на Северна Македонија, како важен центар за синџирите на снабдување, можноста за моделирањето и автентикацијата на синџирот на снабдување.
Сојузот на стопански комори прв во регионот се приклучува кон Меѓународниот трговски совет (ITC), кој за компаниите е одлична можност за проширување на својот глобален досег и да ги зголемат своите меѓународни трговски можности со новите глобални прописи и можностите за отворени пазари за трговија, вмрежување и конекции со потенцијални партнери.