Адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која за случајот „Тенк” е осудена на четири години затворска казна, денеска на седница од Судскиот совет побара разрешување на судијката Добрила Кацарска поради пристрасност во водењето на постапката.

Илиевски рече дека за време на рочиштата за „Тенк” немало соодветни услови во судницата која била неклиматизирана, дека премногу брзо биле закажувани рочиштата, а со тоа на Јанкулоска и било прекршенно правото на мајчинство и на породилно отсуство.

Пред членовите на Судскиот совет, меѓу другото, Илиевски посочи дека протекле информации за здравствената состојба на Јанкулоска така што судијката Кацарска на рочиштето на 1 јуни 2018 година самата, јавно и без согласност од Јанкулоска изнела податоци од медицинското досие во кое се депонирани документите што се однесуваат на здравствениот статус и медицинската состојба на Јанкулоска а без притоа да се исклучи јавноста. Со тоа, како што вели Илиевски, е повредена приватноста и правото на заштита на пациентите.

Илиевски најави тужба против РС Македонија пред Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур кој има методологија да утврди пристрасност во водењето на постапката.

Јанкулоска доби шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес”, а Апелацискиот суд и ја намали казната на четири години.