Козметичките салони вријат од матурантки кои се кварцаат за да го подобрат својот изглед. Во Македонија сè уште нема соодветна законска регулатива која ќе стави ред во користењето на солариумите. Директорката на Клиниката за кожни заболувања, д-р Сузана Николовска им порача на младите да не користат солариуми. Таа укажа дека зрачењето е штетно, кожата се оштетува и затоа сè повеќе е во пораст меланомот кај помладите генерации. Д-р Николовска бара да се изготви законска регулатива за контрола на прекумерното зрачење во солариумите
Во ек на матурските вечери пополнети се сите термини во македонските козметички салони, каде што младите одат да се кварцаат за да добијат бронзен тен како да биле на море. Многумина од нив немаат ниту 18 години, а користат вакви услуги, иако во многу земји во Европа и регионот со закон е забрането лица кои не се полнолетни да можат да одат во солариум.
Во Македонија сè уште нема соодветна законска регулатива која ќе стави ред во користењето на солариумите. На оваа тема кај нас се зборува веќе десетина години, но никако тоа да се преточи во закон што ќе ги заштити малолетните лица.
Директорката на Клиниката за кожни заболувања, д-р Сузана Николовска, неодамна кога во Градскиот парк во Скопје се одржуваа бесплатни дерматолошки прегледи, им порача на младите да не користат солариуми. Таа кажа дека е во контакт во Министерството за здравство за да се подготви законска регулатива што ќе ја контролира прекумерната употреба на вакви услуги кај младите. Д-р Николовска укажа дека зрачењето е штетно, кожата се оштетува и затоа сè повеќе е во пораст меланомот кај помладите генерации.
Некои официјални податоци велат дека околу 10 отсто од младите под 18 години барем еднаш користеле солариум. Во соседна Србија каде што многу млади лица се кварцаат од 2009 година е донесен закон со кои малолетниците не смеат да го користат. Исто така е ограничена и јачината на зрачењето и таа не смее да биде повисока од онаа што зрачи природното сонце во медитеранските земји околу пладне.
Задолжително треба да се користат и посебни очила, бидејќи зрачењето е опасно не само за кожата, туку и за видот.
Во Германија и Велика Британија е забрането употребата на солариум, а во 2017 година Европската Унија издала препораки тие да не се користат.
Дел од нашите лекари кои ги контактиравме сметаат дека досега требаше барем да се изготви упатство со коешто ќе се ставеше некаков ред во користењето на солариумите. За таа цел тие предлагаат под итно да се одржи состанок со козметичарите и да им укажат дека вакви услуги не треба да се даваат на лица под 18 години.
Тие укажуваат дека во кожните ординации често им доаѓаат лица со изгореници кои бараат лекарска помош, а последиците се предизвикани од подолготрајно кварцање. Но има и такви кои сами се обидуваат да ги санираат последиците.
-Сметам дека крајно време е да се забранат солариумите за козметологија,особено кај младите луѓе. Со законската рамка најверојатно ќе се стави ред кој и колку ќе може да користи солариум, а не да има безредие како досега – смета познатиот дерматолог д-р Пешиќ.
Во земјава на социјалните мрежи има многу лоби групи кои се за или против користењето на солариумите. Лекарите препорачуваат при користење на солариум, или каква било козметичка услуга при рака секогаш да се има антибактериски влажни марамчиња со кои би се пребришала површината која евентуално би се допирала, бидејќи многу кожни заболувања се пренесени токму на овој начин.
(В. Ма.)