Советот на јавни обвинители и Судскиот совет сами си потпишаа распуштање?! 

249

Назначувањата на членови на Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители предизвика реакции во јавноста и кај политичките партии. По обелоденувањето од страна на премиерот Христијан Мицкоски на седницата на пратенички прашања, кој се партиски се наместил во одборот, изминатиот викенд на таа тема реагираа и дел од политичките партии. Од владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Советот на јавни обвинители и Судскиот совет извршиле класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители. Посочуваат дека Советот на јавни обвинители, наместо да именува јавен обвинител, ја назначил сопствената претседателка за член на УО на Академијата за судии и обвинители. Оттаму побараа и оставка од Антоанета Димовска и колективна одговорност од Судски совет, затоа што Советот за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, наместо судии, ја назначил Димовска, која истовремено е член на Судскиот совет.

-Советот на јавни обвинители, исто како и Судскиот совет, изврши класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители. Советот на јавни обвинители, наместо за член на УО на Академијата да назначи јавен обвинител, тој назначил свој член, директно кршејќи го чл. 44 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, со кој се забранува избрано или именувано лице да биде во орган на управување во државен орган или лице кое располага со државен капитал. Советот на јавни обвинители за член на УО на Академијата ја назначил Душица Димитриеска, која е претседател на Советот на јавни обвинители.

Од партијата потенцираат дека Советот не смеел да ја назначи својата претседателка за член на УО на Академијата за судии и обвинители, која како што велат, покрај тоа што е претседател на Советот на обвинители е и во тесна врска со СДСМ.

-Имено нејзината ќерка Ема Нешкоска е член на Советот на општина Гостивар, од редови на СДС, а беше и кандидат за пратеник од редовите на истата на последните парламентарни избори. Советот на јавни обвинители исто како и Судскиот совет продолжуваат да работат на уривање на правосудството и имиџот, односно угледот на истото кај граѓаните. Го повикуваме Советот на јавни обвинители да го отповика својот предлог за УО на Академијата. Во спротивно колективно го крши законот, за што треба да има одговорност, рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од оваа партија побараа и оставка од Антоанета Димовска и колективна одговорност од Судски совет.

-На Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како да не им е грижа за ниската доверба на граѓаните, па со свои постапки продолжуваат да ја поткопуваат и така ниската доверба во правосудните органи од само 2 %. Со последниот дрзок упад, којшто Судскиот совет го направи во Академијата на судии и јавни обвинители, дополнително ќе ја намали довербата на граѓаните во правосудството. Пред недела дена, на 24 октомври, спротивно на закон, Судскиот совет за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, наместо судии, ја назначи Антоанета Димовска, која истовремено е член на Судскиот совет. Според членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, се забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Антоанета Димовска, освен што спротивно на закон е назначена за член на УО на Академијата, е и сестра на пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева.

И од партијата Левица реагираа дека ова се скандалозни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители.

– Согласно членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата, двајца члена се назначуваат од страна на Судскиот совет од редот на судиите, како и двајца членови кои се назначуваат од редот на јавните обвинители од страна на Советот на јавните обвинители.

-Наместо судии и јавни обвинители, деновиве Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за членови на Управниот одбор на Академијата скандалозно назначија луѓе од сопствените редови. Ова претставува сериозно законско прекршување и ЗЛОУПОТРЕБА на службената положба од страна на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, со оглед дека на истите во моментот на извршувањето на нивните функции во Советите им мируваат судиските и обвинителските функции, поради што немаат право да бидат членови и на Управниот одбор на Академијата. Дополнително, назначувањето се извршени и на крајно нетранспарентен начин, без образложение за ваквото незаконско постапување, реагираа од Левица, од каде што предупредуваат дека „последните скандалозни и нетранспарентни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители ја доцементираат довербата од 2 % во правосудството“ и ја повикаа  Државната комисија за спречување на судир на интереси и корупција да реагира на ваквото скандалозно постапување на овие органи.

По критиките во јавноста, но и препораките од Европската Унија, на седницата за пратенички прашања, премиерот Мицкоски рече дека се подготвува ново законско решение, кое ќе значи департизација на овие тела преку кои се именуваат и се разрешуваат судии и јавни обвинители. Мицкоски е убеден дека сите пратеници ќе гласаат за една таква реформа што е препорака од Европската Унија, а доколку не се случи тоа, Владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство, кое е потребно бидејќи станува збор за уставни категории. Премиерот веќе објави дека за законот се консултирал со хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, кој беше шеф на Мисијата на ЕУ, која го скенираше Судскиот совет минатата година и му даде препораки за независно судство. (В.С.Н.)