Намерата да се соединат „собраните раскази“ на Франц Кафка во една книга во Германија се појавила пред педесетина години, но во Македонија тоа се случува првпат по повод одбележувањето на сто години од неговата смрт и како дел од проектот „25 години Антолог е класика“.

-Расказите, од кои некои се во форма на басни, алегории или параболи, заземаат централно место во творештвото на Кафка. Во текот на својот живот објавил само дел од нив. Повеќето од нив се објавени постхумно и против неговата волја. Книгата е поделена во три дела: раскази што Кафка ги објавил во своите книги во текот на животот, раскази кои не ги вклучил во книгите, но се објавени одделно на различни места, и раскази од неговата оставнина. Меѓу нив се наоѓаат и скици за романи, се наведува во соопштението од „Антолог“.

Делата на Франц Кафка се сметаат за клучни текстови на модерната литература, а оваа книга за првпат на македонски јазик ги пренесува сите сочувани куси прозни творби на еден од најголемите автори на едно место.

Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова и на Душанка Каевска, а книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Фондот за книжевни проекти од Централна и Источна Европа, Амстердам.

Со објавувањето на овој наслов симболично се заокружи годината која „Антолог“ ја посвети на класичните дела а во чиј склоп беа објавени голем број наслови од врвот на македонската, регионалната, европската и на светската литература:„Мостот на Дрина – Иво Андриќ, „Шинела и други раскази“ – Николај В. Гогољ, „Автопортрет со седум прсти“ – Ацо Шопов,„Злосторство и казна“ – Фјодор М. Достоевски, „Скарлетна студија“ – Артур Конан Дојл, „Избрани раскази“ – Антон П. Чехов,„Магла и месечевина“ – Меша Селимовиќ, „Травничка хроника“ – Иво Андриќ, „Пријател на сенките“ – Александар Ристовиќ,„Знакот на четворицата“ – Артур Конан Дојл, „Неточка Незванова“ – Фјодор М. Достоевски, „Госпоѓицата“ – Иво Андриќ,„Жените што трчаат со волците“ – Клариса Пинкола Естес, „Смртта на Иван Илич; Кројцерова соната; Отец Сергиј“ – Лав. Н. Толстој и „Собрани раскази“ – Франц Кафка.