Собранието да одлучува за враќање на споменикот на Ќосето пред Врховен

37

Општина Центар го одби барањето на Град Скопје за добивање согласност за започнување процедура за враќање на спомен-обележјето на Андон Лазов-Ќосето на истата локација, пред Врховниот суд. Според локалните власти, барањето е испратено на погрешна адреса, бидејќи ликот на Ќосето нема никаква врска со Општина Центар, ниту, пак, е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочува Град Скопје да се обрати до македонското Собрание.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето беше поставен пред судовите во 2014 година, кога градоначалник на Град Скопје беше Коце Трајановски. Со доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов, споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје

 

Општина Центар го одби барањето на Град Скопје за добивање согласност за започнување процедура за враќање на спомен-обележјето на Андон Лазов – Ќосето на истата локација, пред Врховниот суд. Според локалните власти, барањето е испратено на погрешна адреса, бидејќи ликот на Ќосето нема никаква врска со Општина Центар, ниту, пак, е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочува Град Скопје да се обрати до македонското Собрание.

– Што се однесува до самиот споменик, во минатото, институциите утврдија бројни законски прекршувања при неговото поставување, меѓу кои и Законот за поставување спомен- обележја. Верувам дека, во однос на овој случај, институциите ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото тој предизвика многу контроверзии – вели Герасимовски.

Од Општина Центар во петокот испратиле одговор до Град Скопје во однос на барањето, во кој стои дека Општината нема надлежност во овој дел.

– Согласно со Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување споменици се наоѓаат во Собранието на Република Северна Македонија, додека општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење. Согласно со членовите 3 и 5 од Законот за меморијални споменици и спомен- обележја е дефинирано дека настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик, треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Републиката, за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата и тие се во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија. На крај, во членот 4 од истиот закон е наведено дека со спомен-обележјата се одбележуваат настани и личности што се од локално значење и дека само тие можат да бидат подигнувани од општините и од Градот Скопје – појаснуваат од локалната самоуправа.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си, беше поставен пред судовите во 2014 година, кога градоначалник на Град Скопје беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Со доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов, споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше насадено гинко дрво, посветено на човековите права, со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

 (А.П.)