Високата снежна покривка ја полни вештачката акумулација на ЈП “Стрежево” -Битола и позитивно влијае врз нивото на водата во езерото. Оттаму информираат дека во акумулацијата се собира секој литар вода и се штеди за потребите на агросекторот во Пелагонија.
– Во моментов во акумулацијата има 70 милиони кубни метри вода, а според првите проценки се очекува високата снежна покривка да придонесе да се соберат 95 милиони кубици. Ако се достигне посакуваното ниво, тогаш според утврден план ќе се врши испуштање на водата со цел да се заштити Пелагониското Поле од евентуални поплави, информираат од ЈП “Стрежево” – Битола.
Експерти на ЈП “Стрежево# посочуваат дека корисниците на услугите од акумулацијата ќе имаат редовна испорака на вода за сопствени потреби и нема да се пропушти можноста за производство на електрична енергија од сопствените хидроцентрали.
Вештачката акумулација на ЈП “Стрежево” – Битола е проектирана да обезбеди вода за наводнување на над 20.000 хектари обработлива земјоделска површина во Пелагонија, да ги дополнува потребите на локалното ЈП, како и потребите од вода на РЕК “Битола” и другата индустрија во овој град.