Трката во Лас Вегас не понуди ништо ново кога е победничкиот подиум во прашање. Повторно, прв низ целта мина Макс Верстапен, кој ја оствари рекордната 18. победа сезонава и 53. во кариерата.

За големото враќање на Формула 1 во Градот на коцката, 41 година по Големата награда на „Цезар палас“, Верстапен славеше пред Шарл Леклер од Ферари и пред неговиот тимски колега Серхио Перез. Но, оваа трка во Лас Вегас предизвика голем интерес кај гледачите.

Сепак, огромно мнозинство не ни можеше да сонува да купи билети, бидејќи цените се движеа од дури 900 долари, па нагоре. Но, дел од навивачите без билет се снајдоа и успеаја да ја проследат трката во живо.

На Интернет кружат видеа од обожаватели што се снашле на различни начини. Некои се возеа по ескалаторите со цел накратко да видат преку оградата, а некои ја гледаа трката од околните згради.