Усогласувањето на македонската и на бугарската историја, наспроти сите одрекувања од македонска страна, е услов Бугарија да не продолжи со блокадите во рамки на македонските преговори со ЕУ. А бугарските историски апетити секојдневно растат. Дел од познавачите на состојбите сметаат дека ова ќе води кон прифаќање на сите бугарски барања и наметнување на бугарскиот наратив во историјата.
Услов бугарската Влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија, истакна новиот бугарски амбасадор во Вашингтон, Георги Панајотов, е Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања. Во интервју за „Гласот на Америка“, амбасадорот изјави дека Мешовитата комисија ќе мора да ги реши сите периоди од заедничката историја пред Македонија да влезе во ЕУ.
– Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективно, научно толкување на заедничката историја на двете земји – изјави Панајотов, додавајќи дека штом ќе се реши историското прашање, проблемот со јазикот нема да може да го наруши односот меѓу двете држави.
Според него, малите промени во францускиот предлог не ја смениле суштината на бугарските барања и оти ако тоа било случај, Бугарија немала да го тргне ветото.
Ова е спротивно на тврдењето на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој веднаш по потпишувањето на вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, рече дека историските прашања нема да бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата со ЕУ.
Во меѓувреме, бугарските историски апетити растат. Европскиот пратеник од Бугарија, Ангел Џамбаски, објави видео снимено пред споменикот на Скендербег во центарот на Приштина, во кое објаснува дека албанскиот национален херој Георг Кастриот Скендерберг „по мајка е Бугарин“ и дека во Косово има многу многу негови „сонародници и сомисленици Бугари“. Тој вели дека негова цел е во Косово да бидат признаени Бугарите како национално малцинство, што, според него, е дел од бугарската национална кауза. Во Косово живеат значителен број Горани, етничка подгрупа на етничките Македонци со муслиманска вероисповед, кои, најверојатно, се следна цел на бугарската пропаганда. Гораните или Горанците живеат во областа Гора, која се простира во Косово, Албанија и дел во Македонија, и нивниот број се проценува на околу 60.000.
За Владимир Милчин, поранешниот прв човек на Фондацијата „Отворено општество“ во земјава, барањата на ЕУ и на Бугарија се неприфатливи уцени и Македонија треба да прогласи мораториум на овој процес. Но, тој смета дека нема волја кај политичарите за таков мораториум, туку ги прифаќаат сите бугарски барања.
– Тука е болеста. Спремноста да се прифати сѐ од Бугарија. Тука е коренот на злото – изјави Милчин во четвртокот, во ТВ-настап.
Тој смета дека Историската комисија ќе потклекне пред барањата на Бугарија, според начелниот договор на двете земји рок за година-две да се расчистат овие прашања.
– Тие се во состојба да мораат да испорачаат. Не очекувам таму силен отпор на ултимативните барања. Тоа што го бара Бугарија не е само надвор од европските вредности туку надвор од цивилизацијата – заклучува Милчин.
Првиот човек на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, пак, укажува дека Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, туку може да се зборува само за „споделени места на меморијата“ на балканските народи. Тој укажува на опасноста од сервилниот однос кон Софија.
– За Македонците, за жал, најстрашен е неукиот и сервилен однос не само на македонските политичари туку и на македонските историчари, актуелните македонски „експерти“ на заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, токму оние што треба и од кои се очекува да ја промовираат историската вистина – заклучува Коцарев.
Според претседателот на МАНУ, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, 24 Мај, треба да го одбележуваат не само Македонија и Бугарија туку сите словенски држави и народи.
– Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот, што за нас би значело без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени – нагласи Коцарев.
(И.С.)