СМЕА И ЗАБАВА ВО ТЕАТАРОТ НА ОТВОРЕНО: Нобеловци, скокачи во далечина и ѕидот на Трамп среде Вевчани

153

Промената на уставното име, странските инвестиции, влезот во НАТО… годинава беа најголема инспирација за вевчанци, а низ улиците на Вевчани во рамките на надалеку прочуениот Вевчански карневал, продефилираа и комисијата за доделување Нобелова награда за мир за која е номиниран и премиерот Зоран Заев и за “скок во далечина” за поранешниот премиер Никола Груевски.

Вевчанци се пошегуваа и за минималната плата од 500 евра, законите за родителски додаток на министерот за здравство Венко Филипче, како и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржаа уставните измени, а среде Вевчани беше поставен и ѕидот на Трамп кон Мексико…
Во Вевчани не изостанаа ниту традиционалните – зетот, невестата, ѓаволите, глупавите Августи, за овој карневал кој привлекува илјадници посетители не само од Македонија туку и од соседството и пошироко, да заврши со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани.

Голем број присутни и покрај ниските температури, повторно ја доживеаја 15-вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Се уживаше во шегите, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите.

Карактеристично за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани. Како и да е, во најголемиот театар на отворено, Вевчани присутните изминатите три дена имаа што да видат и за што да зборуваат.

Инаку, со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.