Сложни браќа со Манифест куќа во ЕУ ќе градат!

Во документот, иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки. Манифестот, за кој преку соопштение информираа СДСМ и ДУИ, повикува на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми, процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ. Потегот со манифестот за опозицијата е знак дека власта повторно ќе ја пропушти можноста за консензус.- Седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

144

Со илинденски документи, власта ќе ја потврдува европската агенда на Македонија. По Декларацијата од пред Илинден, аспирациите и преговорите за полноправно членство во ЕУ, власта ќе ги гарантира и со манифест.

СДСМ заедно со партиите од коалицијата иницираат манифест за преговорите со ЕУ, документ преку кој ќе се обединат сите политички партии околу евроинтегративниот процес.  Во документот, иницијаторите повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки.

Манифестот, за кој преку соопштение информираа СДСМ и ДУИ, повикува на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми, процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ.

-СДСМ како државотворна партија е предводник на концептот за европска иднина. Во оваа насока СДСМ, заедно со политичките партии од коалицијата дава силна поддршка на Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ. Овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ, се наведува во соопштението од СДСМ, а поддршка на Манифестот се наведува и во соопштението од ДУИ.

Во манифестот се наведуваат повеќе аргументи кои се од витално значење за целото општество, а преку кои Македонија се обврзува пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, притоа заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните. Оттаму порачуваат дека е време за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на Манифестот, со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија.

„Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности. Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните. Визијата за европска држава, рамо до рамо со големите државотворни европски народи е нашата голема идеја и дел од нашето државничко делување во изминатите години“, велат од „Бихаќка“.

Потегот со манифестот за опозицијата е знак дека власта повторно ќе ја пропушти можноста за консензус.

– Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус. Имено седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Во документот стои дека пристапните преговори со ЕУ ќе се одвиваат во различни собраниски и владини состави, па затоа потпишаните партии потврдуваат дека ќе имаат засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието, која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство. Потпишаните партии ќе соработуваат за исполнување на заедничката цел и ќе ја споделат одговорноста и заслугите во текот на целиот преговарачки процес.

Преговорите, според манифестот, ќе се водат врз основа на целосни и јавни информации, со отворено и транспарентно водење на процесот, а на сите заинтересирани страни ќе им биде осигурено правото на достапност на информациите и дијалог.                                                         (Ј.Ц.Г.)