Словенечка новинарка откри потресен детал од еден од последните концерти на Бора Чорба: „Пред да излезе на сцена беше на кислород!“

1275

Бора Ѓорѓевиќ и во април имаше тешко воспаление на белите дробови, а со таа дијагноза пееше на големиот концерт во Љубљана на 20 април, по повод 45-годишнината од формирањето на групата. Тоа е еден од неговите последни концерти, а на самиот настап присуствуваше и Тамара Горичанец, водителка на телевизија и радио Актуел од Љубљана.

Иако вели дека концертот бил прекрасно искуство, таа се присетува и на шокантниот податок дека Бора бил на кислород пред да излезе на сцената, како и дека покрај бината цело време дежурала екипата на итната помош.

– Концертот го изведе како ништо да не му е, рутински, како да е сосем здрав. Малку седеше, малку стоеше, не може да се замисли некој со пневмонија да пее толку убаво. Беше презабавно, беше навистина одлично – изјави словенечката водителка.

Таа постојано го нагласувала топлиот однос кој починатиот пејач го имал со сите луѓе кои ги запознал, а раскажала и една убава анегдота која и ја раскажал нејзиниот пријател:

– Еден мој пријател имаше свирка на улица, а Бора поминуваше оттука со своето куче баш кога другарот пееше една негова песна. Бора застана и пееше со него, навистина беше народен човек, секогаш беше подготвен да разговара.