СЛОВАЧКА МЕЃУ ПРВИТЕ ЌЕ ГО РАТИФИКУВА ПРОТОКОЛОТ ЗА НАТО – Хенрик Маркуш: Ве чекавме многу години!

170

Словачка има амбиција да го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО
меѓу првите држави, вели словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш. Маркуш во
изјава за ВЕЧЕР вели дека членството на Македонија во НАТО е важно за стабилизација на
целиот регион и земјава ќе ја добие поддршката од Братислава за отварање на пристапните
преговори и со Европската унија.

– Се радувам што го потпишавте Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Ве
чекавме многу години, и сега сме среќни, што макар релативно доцна, сепак се најдовме во
едно семејство. За нас тоа е важно за стабилизација на Западниот Балкан и на целиот регион.
Македонија стана пример за целиот регион. Словачка, заедно со другите држави, ќе се
потруди максимално да ви помогнеме да продолжите вака и за Европската унија, да се
отворат пристапните преговори. Кога Црна Гора влегуваше во НАТО, ние имавме амбиција
да го ратификуваме договорт меѓу првите. Бевме меѓу првите пет и така ќе се потрудиме да
биде случај и со Македонија, што поскоро, тоа подобро. Никогаш не се знае со тие
внатрешни процедури, но мислам дека политичката воља е максимална и ќе се потрудиме тоа
да се случи што поскоро, изјави за ВЕЧЕР словачкиот амбасадор во земјава.

Во насока на поддршка за приближување кон Европската унија, пак, амбасадорот Маркуш
посочи словачко-американски проект. Станува збор за платформа која веќе е успешно
реализирана во Словачка, во Србија и Црна Гора, а сега и во Македонија. Целта е невладини,
владини организации, министерства и други општествени субјекти да се вклопат во една
платформа и заеднички да дискутираат за прашањата кои се поврзани со влезот на
Македонија во Европската унија. (В.С.Н.)