Водителката Слободанка Илиевска: Трансферот во Алфа го прифатив веднаш, ама љубовта кон радиото вечно ќе трае

2735

Никогаш нема да се откажам повторна да застанам пред микрофонот во радиото, тоа е најубаво чувство за мене, нема стрес, има само убава магија, вели познатата водителка, за ВЕЧЕР

Маја АНЧЕВСКА

Амбициозна жена, посветена мајка, професионална на работното поле, со еден збор – жена со стил. Слободанка Илиевска, или Боте како што ја викаат пријателите и колегите, од неодамна им вели добро утро на гледачите на телевизија Алфа. Претходно имавме можност да уживаме во нејзините утрински и контактни емисии на ТВ 24. Слушателите ја паметат како впечатлив глас на радиото Канал плус Форте во Тетово и на скопското Капитол 106.5

Навиките си го прават своето, па на Илиевска не ѝ треба многу време за да се среди пред да влезе во студиото, што и дава доволно време да ужива во своето кафе со музика.

– Утрото според мене е убаво кога си навикнат веќе на рано будење, алармот во 5 часот наутро, си варам кафе, го пијам со релаксирачка музика, се подготвувам за нов предизвик кој го носи денот. Не сум од тие што премногу поминуваат време пред огледало зошто мислам дека така повеќе губам време. Ритуалите за пред камера мене ми се само 15 минути пред да влезам во студиото, за „Добро утро секое утро“ и денот да започне. Зимното време е потешко наутро, но се е навика и кога знаете дека тоа е сепак вашата професија и обврска на кои професионално мора да одговорите, ни раскажа Слободанка.

Комбинацијата на облека, која и приватно ја практикува, е елеганција со усогласени бои, но со задоволство ужива и во спортска облека.

– Шминката е дел од мојот живот и самата професија, но приватно не се шминкам многу, гледам само да е пријатно блага шминка без многу бои на себе. За облекување јас сум била и сè уште сум за елегантна гардероба, зависно од моментот. И пред камерите е така, каде што внимание посветувам на боите да ми се усогласат. Јас сакам и лесната спортска гардероба со оглед на тоа дека на времето спортот беше дел од животот, додава таа.

Како што е посветена во професијата така е посветена и дома, а ни откри и како го поминувате слободното време.

–  Моето слободно време го посветувам на домот. Јас сум од ние жени кои секојдневно се во кујната. Барем ручек мора да има подготвено и семејството во тој момент да е заедно на масата но, секако дека Марко, мојот син е тој што го има моето време, кога имам слободно време читам книга, а и сакам да цртам, да си играм со бои и се разбира кој не сака добар филм. Кога можам си практикувам вежби по дома, раскажува Илиевска.

Слободанка вели дека Марко е скромно дете и не придава голема важност дека мајка му ја има на телевизија. Сепак знае да ѝ упати некоја критика на мама.

– Марко знае да критикува и да разговара со својата мајка па и на негови 9 години да забележи дека мама има некој килограм плус. Не е од тие деца дека нешто не знам колку му значи тоа што сум на телевизија иле е веќе навикнат. Тој знае да каже „Те видов денес мамо убаво зборуваше“. Скромен е во тој поглед како мама, затоа и јас не сум имала чувство дека ако сум пред камера и сум позната, а и не сум размислувала во тој правец, сè е кај мене спонтано. Затоа радиото е мојата љубов, а телевизијата ми беше некако наметната. Сепак со љубов сум посветена на мојата професија, ни открива водителката.

Иако направи трансфер од една во друга телевизија, она што го грее нејзиното срце е магијата на радиото.

– Телевизијата не е лесна, радиото е магија, да бидам искрена трансферот во Алфа го прифатив веднаш, а кога велам веднаш значи дека дошол момент да заминеш од причини кои не сакам да ги обелоденам. Сакам да напомнам, убаво е кога трудот, посветеноста и професионалноста се почитува. Радио? – Еве стојам на  располагање веднаш да прифатам да сум радиоводител, никогаш нема да се откажам повторнo да застанам пред микрофонот во радиото тоа е најубаво чувство  за мене, нема стрес има само убава магија, вели Слободанка.